Обединетото Кралство, иако не е член на Европската Унија, е конзистентно во ставот дека иднината во ЕУ ја носи стабилноста што ѝ треба на Северна Македонија, вели во интервју за „360 степени“ специјалниот пратеник на британскиот премиер за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич. Но, како што вели, за тоа да се оствари, потребно е и сите политичари да им покажат на граѓаните дека се посветени на иднината во Европа. Според него, потребни се робусни институции, силен граѓански сектор, здрава медиумска средина и ефективен судски систем како клучни елементи за секоја просперитетна и безбедна демократија
Со лорд Стјуард Пич, специјален пратеник за Западен Балкан на британскиот премиер, разговаравме на маргините на Преспа форумот за дијалог во Струга. Теми се ситуацијата на северот на Косово, потребата од враќање на дијалогот меѓу Белград и Приштина, состојбите во Босна и Херцеговина и во Црна Гора, обидите на Русија за влијание врз процесите на Западен Балкан.
Воздухопловниот маршал претходно беше претседавач со воениот комитет на НАТО, највисок воен офицер на Алијансата и воен советник на генералниот секретар и на Северноатлантскиот совет. Имаше командна улога во силите на КФОР, како и во операциите во Авганистан, Ирак и Либија.
360°: Лорд Пич, главната политичка тема во Северна Македонија се уставните измени неопходни за продолжување на пристапните преговори со ЕУ, за што засега нема мнозинство во парламентот. Велика Британија не е членка на ЕУ, но силно го поддржува зачленувањето на Северна Македонија. Која е вашата порака до македонската јавност и домашните политичари и претставници за уставните измени?
Стјуарт Пич: „Ви благодарам за ова интервју. Обединетото Кралство е многу конзистентно за тоа дека иднината во ЕУ ја носи стабилноста што ѝ е потребна на Северна Македонија, но и на регионот. Многу сум охрабрен, од мојата последната посета во март, по неодамнешните средби меѓу лидерите и флексибилноста што почнува да се појавува, но исто така би кажал, а вашите читатели, слушатели и гледачи го знаат тоа, дека последните истражувања покажуваат дека многу од граѓаните имаат многу песимистички поглед, а и веруваат, што не е случај само за оваа убава земја, дека економската ситуација и животниот стандард ќе се влошуваат. Затоа, има итност за сите политичари да им покажат на граѓаните на Северна Македонија дека се посветени на иднината во Европа, како дел од создавање попросперитетна, фер и стабилна држава во која младите ќе сакаат да останат и изградат подобар живот. Секогаш кога доаѓам тука, се среќавам со млади луѓе и многу сум импресиониран. Оттука и мојата порака е многу едноставна – ги повикувам сите политичари да покажат единство и да ги донесат потребните промени за Северна Македонија да го продолжи своето долгоочекувано членство во ЕУ.“

360°:Има ли друга голема грижа на официјален Лондон за состојбите во Северна Македонија, покрај уставните измени за кои сега повикавте да се донесат?
Стјуарт Пич: „Северна Македонија ја гледаме како многу добар пример за регионална стабилност. Вашите вешти дипломати и дипломатијата помогнаа да се надминат недоразбирања со соседите, и сето тоа го направивте преку зборови, а не преку војна. Северна Македонија придонесува за широката европска стабилност преку сериозно разбирање на своите обврски како НАТО-членка… Сè уште силно се сеќавам, како врвен воен претставник на НАТО, на времето кога се приклучивте на Алијансата. Вие сте силен и постојан поддржувач на Украина, министерот за надворешни работи Османи е многу способен претседавач со ОБСЕ, токму во време кога Русија се обидува да ја поткопа таа организација и нејзиното функционирање на база на консензус. Но, пораката што гласно и јасно ја слушам од сите сфери на животот во земјава и регионот е дека младите луѓе си заминуваат. Реков дека тоа е затоа што нема доволно можности, поради чувството на маргинализираност и неможноста да успеат ако ги немаат вистинските политички врски. Затоа, потребни се робусни институции, силен граѓански сектор, здрава медиумска средина и ефективен судски (правосуден) систем – сево ова мора да биде приоритет и како клучни елементи за секоја просперитетна и безбедна демократија. Јасни сме дека надворешни фактори го загрозуваат ова. Тука сум јасен – зборувам за руското влијание. Дезинформациите не мируваат, а тоа значи дека реформи се неопходни за преземање тешки промени и останување на европскиот пат. Обединетото Кралство сака Северна Македонија да го негува и промовира мултиетничкото општество какво што станавте. Тоа е многу важно за оваа убава земја. Сакаме да продолжите да го правите тоа.“
360°: Велика Британија е еден од предводниците на фронтот против руското влијание во регионот. Споменавте дека Русија е присутна, освен дезинформациите, кои се други ранливи точки во обидите на Кремљ да влијае врз процесите во Северна Македонија?
Стјуарт Пич: „Да бидеме искрени – не треба многу да бараме за да ја видиме дестабилизирачката улога што Русија ја имаше и ја има овде и во регионот. Самиот договор – чија годишнина ја одбележуваме – Преспанскиот, предизвика сериозно руско вмешување, организирање протести со кои се обиде да го блокира компромисот што вие, многу храбро, го презедовте со Грција. Владата во Атина, како одговор на тоа, протера четири руски дипломати… Во Босна и Херцеговина гледам како Москва ги разгоре огновите на сецесија и поделби, како обид да го поткопа мирот. Бројката и тежината на кибернападите се зголеми од почетокот на руската нелегална инвазија врз Украина. Обединетото Кралство многу сериозно ги разбира заканите од Русија и продолжуваме да соработуваме со Северна Македонија и со сите наши НАТО-партнери за да ги искористиме капацитетите за справување со кој било противник што сака да ја поткопа нашата колективна безбедност.“
360°: Лорд Пич, најактуелно прашање во регионот е отсуството на дијалог меѓу Белград и Приштина, гледаме тензии на северот на Косово кои сè уште се многу високи. Дали ваквата состојба има потенцијал да биде закана за регионалната стабилност?
Стјуарт Пич: „Тоа е многу важно прашање. Сега најбитно е тензиите да деескалираат, овој циклус на тензии меѓу Србија и Косово треба да се смири за доброто на сите земји од регионот. Во изминатите недели лично се ангажирав во разговорите со двете земји, на избалансиран начин и во соработка со нашите партнери. Мојата порака до двете страни беше исклучително јасна – чекорите на косовските власти кои насила наметнаа градоначалници во општинските згради пред три недели не беа мудри и нанесоа штета. Исто така, бев јасен дека политичките раководства и во Србија и во Косово треба да се фокусираат на деескалација на тензиите и, како што сугериравте во вашето прашање, враќање на дијалогот. Ги поддржуваме разговорите што ги води ЕУ, чија цел е да обезбедат сеопфатен и законски обврзувачки договор – или со обични зборови – нормализација од која корист ќе имаат граѓаните на двете земји и, што е од исклучителна важност, целиот регион.“
360°: Кога зборуваме за регионот, како ја оценувате состојбата во Црна Гора и Босна и Херцеговина?
Стјуарт Пич: „Неодамна бев во двете земји. Секоја држава се соочува со предизвици, и тоа е веќе вообичаено. Тука е агресивното руско присутво што веќе го споменав, кое има за цел дестабилизација, придружено со економски предизвици, како и делови од политичкиот спектар од многу делови во Европа кои водат националистички политики и се обидуваат да направат поделби наместо да ги спојуваат општествата. Од друга страна, во последните години во Црна Гора видовме суштински политички промени, од ударот во 2016 година поддржан од Русија до последните избори кои беа одржани низ еден мирен процес и изгледаат како многу добро спроведени. Како што продолжуваат преговорите во Црна Гора, јас очекувам формирање нова влада со свеж мандат. Уживав во присуството на инаугурацијата на новиот претседател и продолжуваме да работиме со нашите пријатели во Црна Гора на модернизирање и реформи… Црна Гора е членка на НАТО, на цврст пат кон евроатлантската заедница и членство во ЕУ. Кога зборуваме за регионот, би сакал нешто да кажам за Босна и Херцеговина која неодамна ја посетив. Морам да кажам дека на изјавите и потезите на сецесионистите во Република Српска гледаме како на закана за стабилноста. Тоа се опасни изјави кои го затвораат просторот за гласови на критика, а истовремено се обиди за зачувување на власта. Сите политичари треба да го избегнуваат јазикот што ја напрега политичката атмосфера и ѝ штети на иднината. Има можност за Босна и Херцеговина, а новата влада треба да ја искористи, да ја претвори во предност и да испорача подобра иднина за своите граѓани. Тоа значи реформи, тоа значи почнување на патот кон интеграција во ЕУ, а за тоа ни треба консензус. За време на честите посети на Босна и Херцеговина бев јасен дека тоа е многу убава земја која мора да се однесува одговорно за иднината да ја направи подобра реалност.“
360°: Да се вратиме на односите меѓу Велика Британија и Северна Македонија. Британија е вториот најголем трговски партнер на земјава. Дали Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу двете земји на вистински начин ја замени Спогодбата за стабилизација и асоцијација? Има ли интерес за нови британски инвестиции во Македонија?
Стјуарт Пич:„Билатералните односи се многу силни, имаме многу силни трговски релации кои „тежат“ повеќе од две милијарди фунти годишно. Спогодбата за партнерство, трговија и соработка е важна за обезбедување рамка која може да ја менуваме како што се приближуваме и Обединетото Кралство е многу гордо… Тоа го кажав во мојот говор во Скопје на одбележување на роденденот на кралот – дека сме многу горди што сме меѓу првите четири најголеми директни инвеститори во Северна Македонија, а тоа се сериозни инвестиции, вклучувајќи високи технологии, автомобилски сектор, рударство, информатички сектор, храна, пијалаци… Што прави британскиот бизнис – носи многу висока корпоративна и општествена одговорност, стандарди во животната средина кои ни се многу важни и придонесува на вкупната стабилност и бизнис-клима. Се радуваме на тоа дека ќе има нови можности во наредните години. Затоа сум голем оптимист за билатералните односи, зашто помагаат во обезбедување добри, висококвалитетни работни места, а тоа, пак, е нешто за што постојано зборував во интервјуво, ќе овозможи подобра иднина за извонредните талентирани млади луѓе на оваа убава земја.“