Тој истакна дека поканата за разговор од еврокомесарот за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел е шанса Вучиќ и Курти да покажат конструктивност и подготвеност за решавање на ситуацијата
Портпаролот на ЕУ, Петар Стано, денеска изјави дека датумот на средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, сè уште не е одреден бидејќи ниту една страна сè уште не го потврдила своето учество.
„Немаме новини за тоа освен некои јавни неконструктивни оцени. ЕУ очекува двете страни да ја прифатат поканата и да дојдат на разговори за да се надмине актуелната ситуација“,
рече Стано на прес-конференција, пренесуваат српските медиуми.
Тој додаде дека изнаоѓањето излез од ситуацијата во Косово е пред сè во интерес на луѓето што живеат во Косово и Србија.
„ЕУ внимателно ја следи ситуацијата и дали постои желба за разрешување или ескалација на ситуацијата. Имаме редовен месечен состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ (ФАЦ) закажан за следниот понеделник, а ова прашање ќе биде на дневен ред“,
рече Стано.
Тој истакна дека поканата за разговор од еврокомесарот за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел е шанса Вучиќ и Курти да покажат конструктивност и подготвеност за решавање на ситуацијата.
„Таа средба нема да биде организирана за да се расположи Брисел туку да се разговара за иднината на народот на Косово и Србија. Незаинтересираноста сигурно ќе доведе до последици кои ќе ги погодат граѓаните, а одговорноста е исклучиво на премиерот Курти и претседателот Вучиќ. И на никој друг“,
рече Стано.
Тој посочи дека за среќа немало нови ескалации во последните неколку дена и додаде дека нема индиции за деескалација.
„Тука сме да им помогнеме и да ги советуваме како да ја смират ситуацијата, но на крајот таа одлука е на нив“,
изјави Стано.
Тој додаде дека ЕУ во моментов е фокусирана на постигнување средба меѓу Белград и Приштина, каде што ќе се најдат решенија за деескалација на ситуацијата, а не на смислување казнени мерки.
„Однесувањето на двете страни ќе се следи на два важни состаноци – состанокот на Европскиот совет и состанокот на министрите за надворешни работи во Луксембург в понеделник и секако ќе влијае на понатамошниот европски пат на Косово и Србија, но во моментов сме фокусирани за деескалација на ситуацијата на терен и изнаоѓање одржливо политичко решение“,
заклучи Стано.