Милатовиќ додаде оти во изминатиот период земјава направила значајни чекори во поглед на нејзиното пристапување кон ЕУ, додека Брисел одговорил на добар начин давајќи ѝ ветер во грб не само на Северна Македонија туку и на Албанија со, како што вели, отпочнувањето на првиот чекор од преговорите со ЕУ
Го охрабрувам политичкиот дијалог што во моментов се води во Северна Македонија, а кој е во насока на спроведување на уставните измени што треба да ги спроведе земјата, кажа во интервју за МИА претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, кој е еден од учесниците на „Преспа форумот за дијалог 2023“.
Зборувајќи на темата за уставни измени што земјава треба да ги спроведе за да продолжи со интеграцијата во Европската Унија, Милатовиќ во интервјуто за МИА вели оти ги поддржува напорите на сите носители на одлуки во Северна Македонија да одат кон европскиот пат.
„Се надевам дека од тоа ќе излезете уште посилни како општество“,
изјави Милатовиќ во интервјуто за МИА.

Милатовиќ додаде оти во изминатиот период земјава направила значајни чекори во поглед на нејзиното пристапување кон ЕУ, додека Брисел одговорил на добар начин давајќи ѝ ветер во грб не само на Северна Македонија туку и на Албанија со, како што вели, отпочнувањето на првиот чекор од преговорите со ЕУ.
„Случувањата во Украина, односно руската агресија на Украина, можеби го разбудија Брисел да почне малку повеќе политички да се однесува кон процесот на проширување, а не само технички, како што досега често беше случај. Мислам дека тоа е навистина важно за сите земји од Западен Балкан и дека тоа е она што суштински се промени во изминатата година дека Брисел сфати оти е неопходен тој политички замаец кон Западен Балкан“,
смета црногорскиот претседател.
Милатовиќ додаде оти Црна Гора најмногу напредувала на патот кон ЕУ и затоа, кога ќе се случи, нејзиното полноправно членство би им дало силен ветер во грб на другите земји од Западен Балкан.
