Случајот со недозволено држење и тргување со оружје е единствениот случај за кој институциите во земјава официјално потврдуваат инволвираност на лицето за кое косовските медиуми објавија дека е убиено синоќа во Приштина. За овој случај, распишана е меѓународна потерница откако лицето не било пронајдено за издржување мерка притвор. Истото лице, пак, досега официјално не се водело како еден од осомничените во истрагата за двојното убиство во „Шиша бар“

Убиеното лице синоќа во Приштина е македонски државјанин. Косовските медиуми објави и фотографија од него наведувајќи дека станува збор за лицето Блерим Даци. За ова лице, според евиденцијата во Основниот кривичен суд Скопје, имало распишано меѓународна потерница како осомничен за недозволено изработување, држење и тргување со огнено оружје.
Дека убиениот е македонски државјанин денеска официјално објави косовската полиција, а информацијата ја потврди и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Нашите институции комуницираат со косовските власти и го потврдија тој податок за наш граѓанин што е застрелан во Косово, но се разбира повеќе детали ќе обезбедат останатите институции. Ние како МНР го направивме првиот контакт и ја потврдивме веста“,
рече денеска Османи.
Косовскиот портал „Индекс онлајн“, покрај тоа што објави дека лицето е Блерим Даци, објави и дека тој имал лажен пасош на име Блерим Шабани.
Информациите од Кривичниот суд во Скопје велат дека тој се води како осомничен за кривичното дело недозволено изработување, држење и тргување со огнено оружје (член 396 од Кривичниот законик) од минатата година, кога на 10 ноември 2022 година судот му определил куќен притвор, но на тоа се жалело Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, па две недели подоцна, на 24 ноември куќниот притвор со одлука на Кривичниот совет бил заменет со ефективен притвор кој се издржува во затвор.
Меѓутоа, кога го побарале за да го спроведат, полицајците не можеле да го најдат бидејќи тој бил во бегство. Од тие причини, била распишана меѓународна потерница.
„И покрај определената мерка притвор, судот на 29.11.2022 година од надлежното МВР е известен дека обвинетиот воопшто не се придржувал ни кон мерката куќен притвор, по што е донесено решение за мерка притвор од пронаоѓање односно лишување од слобода, како и издадена наредба за потерница и согласност за распишување меѓународна потерница“,
велат од Кривичен.
Овој случај со недозволено држење и тргување со оружје е единствениот случај за кој институциите во земјава официјално потврдуваат инволвираност на лицето за кое косовските медиуми објавија дека е убиено синоќа во Приштина. Меѓутоа, повикувајќи се на свои информации, дел од медиумите во Косово уште вчера пренесоа дека ова лице е осомничено и во случајот со двојното убиство во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија на 6 март годинава.
Официјално, пак, ова лице досега не се водело како еден од осомничените во истрагата. Од ОЈО Скопје за „360 степени“ велат дека до овој момент во врска со овој случај има едно лице со статус на осомничено и тоа се наоѓа во притвор.
За потсетување, во врска со „Шиша бар“, на 1 јуни годинава во јавноста излезе информација дека е приведено едно лице, но официјално не беше објаснето дали лицето е осомничено како еден од извршителите на убиството или за друга поврзаност со случајот.
Во одговорите на новинарските прашања, од обвинителството тогаш беа воздржани бидејќи тврдеа дека има „сериозна можност за компромитација на истрагата“.
„Со оглед на тоа што во предметот во кој е определен краткотраен притвор за едно лице, постои сериозна можност за компромитација на истрагата во оваа фаза, во интерес на тајноста на постапката не сме во можност да споделуваме никакви детали“,
рекоа тогаш од ОЈО Скопје.
Во пукањето во „Шиша бар“ беа убиени Јетон Кривањева и Енес Исени, а уште едно лице беше рането.
Неколку дена по убиството, според првичните информации од истрагата, шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, во емисијата „360 степени“ рече дека станува збор за пресметка за позиционирање на наркопазарот.