Повикувајќи се на искуството со другите земји, Гир рече дека фокусот треба да се стави на реформите и на промените што треба да се случуваат
Не треба да се очекуваат нови договори, гаранции или ветувања во однос на пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија, изјави денеска евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.
По потпишувањето договор за изградба на Европска куќа во Струга, одговарајќи на новинарско прашање дали е можно барањето на ВМРО-ДПМНЕ, Советот на Европската Унија да усвои нов документ со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет и јазик, Гир истакна дека македонскиот јазик е веќе во Преговарачката рамка без никакви квалификации.
„Прво нешто што треба да кажеме е дека на патот кон ЕУ не се губи националниот идентитет, јазикот и културата. И секако македонскиот јазик веќе е во рамката за преговарања без никакви квалификации. Што се однесува до очекувањата, не верувам дека може да има подобар или да се очекува подобар договор со Бугарија од тоа што беше договорено и доведе до отворање на преговорите минатиот јули“,
рече Гир.
Тој нагласи дека не треба да се очекуваат некакви нови договори, гаранции или ветувања, што се однесува до процесот на пристапување.
Повикувајќи се на искуството со другите земји, Гир рече дека фокусот треба да се стави на реформите и на промените што треба да се случуваат.
„Со тоа вашиот идентитет, како и идентитетот на земјата, се зајакнува“,
дециден беше евроамбасадорот.