Германскoто друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) е присутно во Северна Македонија повеќе од 30 години. Неговата работа има широк спектар – од економски развој, преку добро владеење и демократија до одржлива инфраструктура. Во интервјуто за 360°, директорот на ГИЗ за Северна Македонија, Давид Оберхубер, вели дека самиот факт што се тука со децении и што годишната помош изнесува од 6 до 7 милиони евра, ја покажува посветеноста на Германија на европската иднина на земјава. Оберхубер најавува засилена асистенција на ГИЗ во пристапните преговори на земјава со ЕУ – во кластерите два и три, Конкурентност и Внатрешен пазар. Во интервјуто тој зборува за актуелните активности на ГИЗ, за главниот фокус, за идните планови…
360°: Г. Оберхубер, како би им објасниле на граѓаните, на наједноставен начин, што е ГИЗ?
Оберхубер: „ГИЗ е развојната рака на германската влада. Ние сме државна компанија што спроведува процеси на промена на глобално ниво кои се во согласност со германската надворешна и развојна политика. Ние не сме оние што креираат политики, туку оние што ги имплементираат. Добиваме мандат од германската Влада за да дадеме поддршка во одредена насока. На пример, во однос на Западен Балкан, Германија е посветена државите од регионот да станат земји членки на ЕУ. Оттука нашиот мандат е да согледаме што им е потребно на државите од Западен Балкан за да ја подобрат нивната законодавна, регулативна рамка, да ги приспособат економиите за да станат поконкурентни, за државите да можат да станат членови и партнери на интерниот пазар.“

360°: Поконкретно за Северна Македонија, за колку помош на годишно ниво станува збор и во кои области работите?
Оберхубер: „Тука сме 30 години, од независноста на Македонија, тоа е исто така дел од логиката на политичкиот мандат. Не сме тука само за еден проект и потоа да заминеме, тука сме како постојани партнери за навистина да ја придружуваме државата. Нашиот буџет е околу шест до седум милиони евра секоја година, во изминатите неколку години . Не станува збор само за средства од германската влада. Имаме кофинансирање и од други меѓународни институции како Европската Унија. Идејата е да се усогласат интервенциите од сите држави. Најважно е дека прво се постигнува политички договор помеѓу германската влада и македонската влада за да се работи во одредена насока. Ние сме активни во неколку различни полиња. Поврзувајќи ја еколошката рамнотежа со општествената вклученост на сите во општеството, а не само одредени помали групи. Исто така, многу е важно на долг рок да имаме конкурентна економија.“
360°: Областа добро владеење и демократија е во најголем фокус на јавноста кај нас, кои се Вашите активности во оваа област?
Оберхубер: „Сметам дека имаме широк спектар на интервенции во оваа област. Од една страна, оние потрадиционалните од областа на доброто владеење, како правните реформи. Исто така, правни реформи за функционална економија и за интеграција на Северна Македонија во европската поставеност. На пример, навистина сме горди што ја поддржавме Северна Македонија во потпишувањето на Хашката конвенција за признавање на трговски и граѓански правни пресуди. Оваа Конвенција е многу важна за меѓународната активност и за признавањето на овие пресуди надвор од границите, на меѓународно ниво, правејќи ја Северна Македонија посилен партнер во меѓународната заедница.
Во однос на другите области, Регистарот на вистински сопственици на кој работевме заедно со Централниот регистар, среќни сме што го имаме тука. Македонија е првата држава во регионот која навистина ја воспостави оваа структура потребна за спречувањето на перење пари и нелегални финансиски текови како финансирање тероризам. Многу е важно Македонија да биде одговорна членка на бизнис-заедницата овде во регионот. Друга област која е помалку дел од класичните области на доброто владеење како правните и институционалните реформи е во однос на социјалната одговорност на Владата и владините политики. Воведовме алатка која е прилично иновативна во регионот – ‘социјалното мапирање’ – кое детектира кои се вистинските локални потреби на терен, во општината, кои се прашањата на кои треба да се фокусираме кога станува збор за социјални прашања и недостатоци. Воведовме и уште една алатка ‘социјалното менторство’ која е доста нова во регионот со која се поддржуваат ранливите групи во интеграцијата во општеството и пазарот на трудот. Со неа луѓето навистина се придружени во процесот на станување на рамноправни членови на општеството. Овде има обврска на Владата. Имавме навистина добра соработка со националните и локалните институции во процесот на воведување на овие алатки.
Исто така, би сакал да споменам една специфична тема кога станува збор за економското зајакнување на жените. Имавме многу успешен резултат во изминатите години во зголемувањето на сопствеништвото на жените на имот и територија. Ова е навистина важно за подобрување на можностите на жените да дејствуваат независно како економски чинители. Ако немате гаранција, нема да ви биде прифатен кредитот од банката. Работевме со нотарите на промоција на регистрацијата на жените сопственици и косопственици на имот. Постигнат е значителен развој во периодот од 2013 до 2019 година со зголемување од 16% жени сопственици до 29% жени сопственици. Ова претставува значителен пораст.“

360°: Ја споменавте економијата. Добро е познат фактот дека Германија е најголемиот трговски партнер на Македонија. Дали Вие, односно Вашата организација, помага уште повеќе да се засилат овие врски помеѓу двете држави?
Оберхубер: „Ние не работиме директно на трговските врски. Тоа е работа на нашите колеги од Делегацијата на германското стопанство. Имаме многу добра соработка со нив во Скопје. Ние сме вклучени во зајакнувањето на конкурентноста и функционалноста на македонската економијата. Тука, исто така, има интерес од германската перспектива. Германија има трговски врски со многу држави. Нашите трговски врски се секогаш посилни со оние држави кои се самите по себе силни. Не доаѓаме во Македонија како трговски партнери за да ја употребите слабоста на државата туку сакаме да имаме компетентен партнер. Тоа е областа во која работиме односно на подобрување на рамковните услови.
На пример, работиме на иновативниот потенцијал на државата. Неодамна ја поддржавме Стратегијата за паметна специјализација на државата. Со цел државата да се фокусира на секторите што се важни за иновативниот потенцијал на државата и, во исто време, соединувајќи ги науката и компаниите во развивањето на овој креативен и иновативен потенцијал. Поконкретно, работиме и на поддршка на стартапите и бизнис климата за иновативни бизнис практики. Исто така, работиме и со институциите за квалитетна инфраструктура. Ова е често тешко разбирливо. Но потребно е да се има увид во тоа какви производи се произведуваат, каков е нивниот квалитет. Државата има одредена одговорност да има функционален надзор на пазарот. Да нема нефункционални или дури опасни производи на пазарот. Исто така да се осигура меѓународна акредитација на производи, со цел да се олесни нивниот извозот. Тоа е во однос на рамковните услови.
Но, работиме и на диверзификација на економијата во руралните региони. Работиме на зголемување не само на земјоделскиот потенцијал туку и на други форми на економска активност како што е руралниот туризам. Ако ми дозволите, да Ви дадам уште примери. За нас секогаш е важно да не работиме само на еден проект во еден регион. Туку да имаме холистички пристап. Имаме еден интересен пример сочинет од различни иницијативи. Поддржавме рурална диверзификација во северо-западот на Македонија со поставувањето на патеката Хај Скардус во планинскиот пограничен регион на границата помеѓу Македонија, Косово и Албанија. Станува збор за меѓународна планинарска патека со должина од 300 км. Привлечна е за авантуристички туристи во исто време туристи кои ја сакаат природата и се еколошки одговорни туристи. Ова е нов сегмент во туризмот во регионот и во Северна Македонија.
Она што го видовме после Ковидот е дека туризмот полека се враќа. Таков е случајот и со Хај Скардус патеката. Таа беше меѓународно признаена. Добивме британска награда за туризам за неа, беше спомената во “Нешнл географик”. Исто така понудувачите на услуги за планинарење навистина добиваат повеќе барања во изминатите години. Во исто време во истиот регион не работиме само на овие рурални, помалку развиените предели, туку работиме и со стартапи и иновативни бизнис идеи преку акцелераторски програми во Тетово, Охрид и во Ресен. Идејата е да не развиеме само ‘едноставни’ работни места во помалку развиените региони туку во исто време да го промовираме пробивањето на бизнисот и бизнис актерите во нови области на економијата. На национално ниво со Стратегијата за паметната специјализација ги обединуваме различните области, концентрирајќи се на туризмот како еден сектор и Информатичката технологија како друг сектор, обата релевантни за државата. Идејата е да се соединат овие различни перспективи. Многу е важно Северна Македонија да се посвети на еколошко-одговорни бизниси. Ова е иднината на бизнисот. Иако и Германија исто така има предизвици одејќи во оваа насока, но нема друг избор за Македонија освен да гледа во оваа насока.“
360°: Ја споменавте животната средина – дали е ова областа на која најмногу ќе се фокусирате во иднина, кои се Вашите планови?
Оберхубер: „Животната средина е во секој случај една од насоките. Неодамна на 7 јуни имавме голема конференција во Тирана за целиот регион за отпочнување на регионалното климатско партнерство. Тука се вклучени енергетската транзиција и климатската адаптација. Знаеме дека и Македонија е ранлива на климатските промени. Треба да видиме што треба да направи Македонија на ова поле. Работевме на развивањето на Националниот план за енергија и клима за поставување на основите за енергетската транзиција. Македонија е еден од предводниците во регионот. Постои одлука за декарбонизација, за намалување на употребата на јаглен, затоа што Македонија разбра дека нема друга алтернатива. Во исто време, потребна е и поддршка во енергетска транзиција кон употреба на одржливи избори на енергија, енергетска ефикасност во градежниот сектор. Во овие области очекуваме активности вo иднина.
Споменувајќи ја иднината, како втора област наскоро ќе започнеме соработка со Секретаријатот за европски прашања. Ќе ја поддржиме Владата во процесот на преговори за членство во Европска Унија. Од една страна, ќе ги поддржуваме преговарачите во кластерите два и три – Конкурентност и Внатрешен пазар, но и работните групи во министерството за подготовка на овие рамковни услови за кои зборував. Има многу што да се прави за државата, не се само големите политички одлуки кои треба да ги преземе Северна Македонија. Потребни се, исто така, и многу технички, некогаш и здодевни, законски и регулаторни реформи кои ќе ги поддржуваме во иднина.“