Шефот на дипломатијата Бујар Османи најави дека ова е прва во низата резолуции. Се очекува и други држави да направат сличен чекор, меѓу кои и САД

Германскиот парламент – Бундестагот се очекува денеска да усвои резолуција со која ќе се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на патот на Северна Македонија кон Европската Унија.
Ова во интервју за „360 степени“ во понеделникот го потврдија двајца германски пратеници: Томас Хакер од либералите и Борис Мијатовиќ од зелените – и двајцата дел од владејачкото мнозинство.
Најавата на веб-страницата на германскиот парламент за дебатата на оваа тема е илустрирана со сложувалка во која еден дел од знамето на ЕУ е македонското државно знаме.
Коментирајќи ја резолуцијата, шефот на дипломатијата Бујар Османи пред два дена рече дека ова е првата во низа вакви резолуции во кои ќе биде потврдено она што го има и во преговарачката рамка – идентитетските атрибути на земјава.
„Се разбира, ова е само почетокот, не можам во оваа фаза да ги најавам и другите, сепак е покоректно тоа да го направат самите земји. Ова е само почеток на една верига на такви резолуции во кои ќе биде потврдено тоа што е во Преговарачката рамка во смисла на јазик, идентитет итн.“,
рече Османи.
Извори од Владата, пак, брифираа дека се очекува сличен чекор да повлече и „голема држава која не е од Европа“. Веројатно станува збор за Соединетите Американски Држави.