Додека биле на роденденска забава, тројцата малолетници се напиле од шишето со средство за дезинфекција кое било оставено на шанкот во игротеката
На Детската клиника во Скопје синоќа биле донесени три деца откако на роденденска забава во игротека најверојатно се напиле средство за дезинфекција, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Случајот бил пријавен во полиција нешто пред 21 часот, откако тројцата малолетници доцна попладнето биле донесени во Клиниката со црвенило на слузницата во устата.
Децата, како што се наведува во полициското соопштение, биле на роденденска забава во игротека на подрачјето на Општина Аеродром, а по направените разговори со нивните родители и со вработените во игротеката, утврдено е дека тие се напиле од течност од шише, најверојатно дизентал (средство за дезинфекција), кое било оставено на шанкот.
„Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
се наведува во соопштението од МВР.