Реагираме на небезбедноста при движење по прилепските улици, на немањето соодветна велосипедска и пешачка инфраструктура, неказнивоста од полицијата, рекоа прилепчани што излегоа на протестот

Под мотото „Утре можи да бидеш ти“, десетици членови на велосипедските здруженија „Прилеп на точак“ и „Вело Че“ денеска излегоа на мирен протест во центарот на Прилеп за да го изразат својот револт и загриженоста бидејќи се чувствуваат небезбедни на улиците и патиштата. Повод за нивниот протест е трагичната сообраќајна несреќа пред два дена кога млада жена со велосипед загина по удар од автомобил.
„Излеговме на денешниот мирен протест поради завчерашниот немил настан во кој животот го загуби 42-годишна жена, која беше прегазена од несовесен возач на автомобил, а возачот го напушти местото на трагедијата. Реагираме на небезбедноста при движење по прилепските улици, немањето соодветна велосипедска и пешачка инфраструктура, неказнивоста од полицијата. Сакаме да го свртиме вниманието на институциите да преземат мерки, тоа што се случи со жената, за жал, може да му се случи секому. Се чувствуваме небезбедни“,
изјави велосипедистот Даме Дамески од здружението „Прилеп на точак“.

Даниел Гарбески од здружението „Вело Че“ исто така ги повтори барањата за велосипедски патеки и повика на реакции од институциите за поголема безбедност на велосипедистите.
„Изразуваме сочувство до семејството на загинатата девојка. Сите ние што сме на протестот одиме, возиме по тој пат до прилепското село Беровци, кај бензинската пумпа. На турата што е за почетници. Тој пат го нарекуваме „патот на смртта“. На тој пат се вози брзо, се претекнува, се свири како ние да сме виновни. И ние велосипедистите сме учесници во сообраќајот, ги почитуваме сообраќајните знаци. Бараме велосипедски патеки, институциите да реагираат, да не биде ова само полициска статистика во билтенот. Ние, велосипедистите, не се чувствуваме безбедно“,
рече Гарбески од здружението „Вело Че“.
Велосипедистите на протестот истакнаа пароли „Утре можеш да бидеш ти“ и возеа низ центарот на Прилеп.
Смртниот случај со велосипедистката, што денеска ги изнесе прилепчани на улица, беше регистриран на 9 јуни. Тогаш во полиција беше пријавено дека на улицата „Александар Македонски“ во Прилеп автомобил „фолксваген“ со прилепски регистарски ознаки, управуван од Р. П. (54) од с. Славеј, Прилепско, удрил во 42-годишната А. Ц. која била на велосипед.