Поранешниот директор на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми вели дека до Основниот граѓански суд поднел тужба против сега разрешената обвинителка Вилма Русковска која го водеше предметот против него
Од моја страна, злоупотребите на Вилма Русковска ќе бидат докажани и обелоденети до крај. Ова, во вибер-комуникација со новинарите, го пишува поранешниот директор на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција вчера ги отфрли двете кривични пријави против него.
„Мојот став во врска со отфрлените кривични пријави против мене е дека сум задоволен што предметниот јавен обвинител по извршените проверки утврди и докажа дека не постои никакво незаконско работење, ниту пак сторено кривично дело од моја страна, во својство на директор на Управата за финансиска полиција. Одлуките на обвинителството потврдуваат дека во институцијата со која што јас раководев нема неправилности и незаконитости во периодот на моето директорување“,
вели Муареми.
Тој останува на истиот став дека, како што пишува, нападот кон него бил исклучиво поради нечии лични цели и интереси, притоа злоупотребувајќи ја јавно обвинителската функција за да му се наштети нему, на неговиот углед и угледот на Управата. Тој вели дека поднел тужба против сега разрешената обвинителка Вилма Русковска која го водеше предметот против него.
„Дополнително, ве известувам дека до Основниот граѓански суд имам поднесено тужба против Вилма Русковска, затоа што таа во неколку наврати во своите јавни излагања во телевизиски гостувања, иако свесна за нивната невистинитост, продолжува да изнесува лажни и невистинити податоци, да лаже и да клевети. Од моја страна, злоупотребите на Вилма Русковска ќе бидат докажани и обелоденети до крај“,
пишува Муареми.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), со кое раководи Ислам Абази, вчера ги затвори предметите против поранешниот директор на Управата за финансиска полиција (УФП), Арафат Муареми, и вработени истражители бидејќи утврдило дека не постои основно сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела.
Станува збор за две кривични пријави на кои ОЈО ГОКК работеше во периодот кога на чело на ова обвинителство беше Вилма Русковска. Случајот изминатиот период беше актуелен во јавноста поради честите јавни прозивки на релација Русковска-Муареми, како и дисциплинската постапка за поранешната шефица и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска поради начинот на кој постапувале во предметот.