Во услови на пандемија, не се обезбедени никаква заштитна опрема и средства за дезинфекција за шумската полиција, реагираат од Независниот синдикат на полицијата и Синдикалната организација на шумската полиција.
Според синдикатот, припадниците на шумската полиција сами си купуваат заштитни маски, ракавици и средства за дезинфекција кога одат на терен.
„Тие сами собираат пари за да си купат средства за дезинфекција и заштитна опрема како маски и ракавици кога одат на терен. Ако некој донира само за одредена служба во Министерството за внатрешни работи, а нас нè изземаат како служба, не е во ред и треба да се поразговара на повисоко ниво за сите клучни прашања со кои се соочуваме во изминатиот месец и пол“,
изјави Роберт Кајсторовски, претседател на Синдикалната организација на шумската полиција од Скопје.
Тие бараат припадниците на шумската полиција да бидат изземени од владината уредба за ограничување на наплатата на надоместоци и додатоци на плати.
Синдикатот верува дека ќе најде заедничко решение со надлежните институции за сите овие прашања, за што веќе е испратено писмо до премиерот, министерот за земјоделство и до надлежните во шумската полиција.