Од компанијата најавуваат почеток на клиничките испитувања во јуни, а од Европската комисија – забрзување на процедурите кои во нормални околности се бавни и одземаат многу време за официјално одобрување на вакцината
Германската компанија „Кјурвак“, која доби 80 милиони евра помош од Европската комисија за да го забрза развојот на вакцина за коронавирусот, од јуни ќе ги започне првите клинички испитувања во Германија и во Белгија, најави новиот претседател на надзорниот совет на компанијата, Жан Стефен. Тој е на оваа позиција од пред една недела.
Компанијата „Кјурвак“ соопшти дека тоа значи тестирање на првите вакцини врз полнолетни и здрави лица кои не биле изложени на вирусот. Потоа вакцината ќе биде инјектирана на веќе изложени лица и, конечно, на највозрасни луѓе, кои се и најризичната група.

„Целта е да се испита кој вид антитела ќе бидат предизвикани од вакцината и да се разбере кој е имунолошкиот одговор кај луѓе што биле природно заразени“, изјави Стефен.
Тестовите ќе се вршат врз две до три илјади лица во Белгија и во Германија. „Кјурвак“ информира дека има уште две до три потенцијални вакцини во случај оваа да не се покаже ефикасна.
*поврзана вест (ВИДЕО) 80 милиони евра пари на ЕУ за „брза“ вакцина против коронавирусот
ЕК најави забрзување на бирократските процедури
Неодамна, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен изрази очекување дека вакцината против коронавирусот ќе стигне уште пред есента. Својата надеж таа ја темели на иновативната технологија што ја користи германската компанија „Кјурвак“, поради што ЕК и додели помош од 80 милиони евра.
„Фактот дека други земји се обидоа да ја купат оваа компанија покажува дека таа фирма е меѓу првите во истражувањето, високопризнаена компанија, која работи на шаблон кој веќе беше одобрен и минат низ неопходните процеси. Така што, станува збор за исклучително специјализирана фирма и проценка на луѓето што работат е дека би можеле до наесен да имаат изготвено вакцина за коронавирусот. Многу е важно за нас што е европска компанија, сакавме да ја задржиме во Европа и таа сакаше да остане во Европа, важно беше да и се обезбедат потребните средства и тоа се случи вчера при нашата дискусија“,
изјави Фон дер Лејен.

Секој процес на изработка нова вакцина, покрај истражувачкиот, содржи и тест-период кој, најчесто, трае долго, понекогаш со години, дополнително обремент со бирократски процедури. Сепак, Брисел најавува „брза лента“ и олеснување на регулаторните правила за новата вакцина, која ако се покаже успешна, ќе биде во употреба веќе наесен.
„Бидејќи, како што гледаме, сме во сериозна криза, во можност сме да ги забрзаме процесите кои во нормални околности се бавни, одземаат многу време и се многу бирократски. Сите знаеме, еве преку примерот со јавни набавки, дека има процеси што вообичаено се многу бавни и одат тешко, но сега ги имаме средствата за да ја забрзаме работата. Мислам дека ако се фокусираме на суштинското, тогаш зборуваме за криза која не само што сериозно ќе ја погоди ЕУ, туку и ќе се прошири низ светот. Замислете само ако се прошири во други краишта и што би значело да се има потенцијална вакцина и затоа ова прашање е од најголема важност за нас“,
изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен.
Компанијата „Кјурвак“ ќе ја искористи европската помош главно за проширување на капацитетите и забрзување на производството на вакцината, кога ќе дојде моментот за тоа.
„Благодарни сме за поддршката од Европската комисија чие финансирање ќе ни овозможи натамошно проширување на нашите капацитети. Како што знаете, ‘Кјурвак’ е фокусиран на темелна изработка на вакцини. Значи, не станува збор да се биде брз во делот на клинички тестирања, туку и да се обезбеди материјал за голем дел дел од населението кому му е потребен. Токму поради ваков тип на снабдувања ние ќе го искористиме финансирањето и ќе ја забрзаме веќе почнатата градба за да имаме доволно капацитет за да обезбедиме соодветен број вакцини за популацијата“,
вели Флоријан фон дер Мулбе, шеф на производството на „Кјурвак“.
Сегашниот капацитет на „Кјурвак“ е 10 милиони дози, а помошта од Европската Унија треба да го зголеми до можност за производство на една милијарда дози за релативно краток период.