Според Радев, недозволиви се обидите на некои земји да ја сменат содржината на документите подготвени од европските институции, вклучително и од Европскиот парламент. Реакцијата на шефот на бугарската држава следи откако почесниот претседател на националистичката ВМРО-БНД, Красимир Каракачов, објави дека во извештајот на Европскиот парламент за Северна Македонија целосно не се отсликани забелешките на Бугарија за земјава и дека тоа се должи на интензивното лобирање на македонската дипломатија

Кабинетот на бугаркиот претседател Румен Радев во соопштение објавено по средбата со претседателката на Европскиот парламент (ЕП), Роберта Мецола, за време на Вториот самит на Европската политичка заедница во Кишињев, наведува дека Радев го поставил прашањето за „клучната улога на ЕП во одржувањето на европските вредности и демократијата во оценувањето на напредокот на Западен Балкан на европски пат“.
„Недозволиви се обидите да се интервенира за промена на содржината на документите што ги подготвуваат европските институции, вклучително и ЕП, од страна на земји кандидатки за членство во ЕУ. Претседателот изрази благодарност за навремената реакција и одлучната поддршка за бугарскиот европратеник кому на почетокот на мај му беше забранет влез во Република Северна Македонија. Претседателот Радев истакна дека овој чин е спротивен на европските принципи и покажува непочитување на претставник на институција на ЕУ“,
се вели во соопштението од кабинетот на Радев.
Тој на Мецола ѝ пренел дека ваквото однесување на властите во Скопје не е изолиран случај во кој Северна Македонија ги нарушува добрососедските односи.
„Како особено алармантен развој на ситуацијата во Северна Македонија, претседателот ги наведе јавните изјави на високи државни претставници за подготвени ‘црни листи’ на бугарски државјани, вклучувајќи и политичари, на кои им е забранет влез во Република Северна Македонија. Овој пристап го покажува непремостливото наследство од тоталитарното минато и ја открива потребата од суштински реформи во земјата за тоа да се надмине“,
информираат од кабинетот на бугарскиот претседател.
Нема информации што на ова му одговорила Мецола.
Претходно во Кишињев, Радев на новинарско прашање за односите со Северна Македонија излезе со, за него, невообичаено воздржана изјава велејќи дека „за Бугарија и за сите европски држави е важно да се запазат критериумите за членство, а во чија основа се човековите права и недозволување на дискриминација и дека колку побрзо се прифати дека Бугарите во С Македонија треба да бидат впишани во Уставот и да се гарантира нивната рамноправност, толку ќе биде подобро“.
Вчера почесниот претседател на бугарската ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов, алармираше за, како што рече, победа на македонската над бугарската дипломатија обвинувајќи ги политичките лидери во Софија дека додека се занесени во нивните внатрешни политички глупости и скандали, се пропушта многу важна тема во однос со Северна Македонија, чии власти лобираат во Брисел.
Каракачанов предупредува дека во извештајот на Европскиот парламент за земјава, иако има доста критични наоди, сепак не се целосно отсликани бугарските забелешки за политиката на Македонија кон Бугарија во билатералните односи. Затоа, Каракачанов стравува дека на крај Бугарија може да биде прогласена за виновна.