Средбата треба да се одржи во текот на наредните денови и за сите детали ќе може да информираме заедно со сите учесници на средбата, вели Ковачевски

Средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе се одржи во наредните денови, потврди премиерот Димитар Ковачевски.
Тој вели дека темите за кои ќе се разговара на лидерската средба ќе бидат за одлуките кои што треба да се донесат за продолжување на европските интеграции на државата и зачленување на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година.
„Ќе повикам на лидерска средба, а една од темите за кои ќе разговараме ќе биде и во однос на односите со соседите бидејќи добрососедските односи се едни од најзначајните за европските интеграции. Средбата треба да се одржи во текот на наредните денови и за сите детали ќе може да информираме заедно со сите учесници на средбата“,
рече Ковачевски во вечерашното интервју за ТВ Сител.
Ковачевски денеска, на прес-конференција по состанокот на Европската политичка заедница во Кишињев, Молдавија, рече дека изборите во државата се дефинираат согласно закон и Устав и оти претседателските избори ќе се одржат во втората половина на март, а парламентарните избори се во втората половина на јуни.
„Постојано зборуваме за владеење на право, за почитување на закони, за владеење на демократија. Владеење на демократија и почитување на закони е одржување на избори тогаш кога им е време, како што тоа го прават сите европски држави“,
рече премиерот.
Во однос на разговорите со Мицкоски, Ковачевски попладнево рече дека тоа ќе бидат разговори на кои ќе се зборува за одлуки кои треба да се донесат со цел остварување на стратешка цел за државата.
„Политичките партии и пратениците во Собранието имаат обврска и одговорност пред граѓаните да носат одлука со која овозможуваат подобра иднина и животен стандарт на сегашните и идните генерации“,
рече Ковачевски.
Според Ковачевски членството во ЕУ не е цел сама за себе, членството во ЕУ, како што рече, е цел со која што го остваруваме она што го сакаат граѓаните.
„Јас неколку пати повторувам, ние сме имале поголем животен стандард и од Словачка, и од Полска и од Романија и од Бугарија и од сите земји кои што порано беа дел од Варшавскиот договор. Ние сме имале далеку поголем стандард. Денес тие држави имаат поголем стандард од нашиот. Наши граѓани одат и работат во овие држави. Тоа е единствено затоа што овие држави станаа членки на ЕУ и нивните држави се дел од заедничкиот пазар на ЕУ кој што е најголем и најбогат пазар во светот“,
рече Ковачески.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека до овој момент до партијата не стигнала официјална покана од премиерот Димитар Ковачевски за лидерска средба на која, според најавеното од премиерот, треба да разговараат за уставните измени во контекст на евроинтегративните процеси на земјава.
Она што е значајно и што би требало да се разговара на таа средба, според лидерот на најголемата опозициска партија, е што по неуспехот на уставните измени, затоа што, додава тој, сè поизвесно е дека тие нема да се случат бидејќи пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да ги поддржат.