Операцијата ја направија хирурзи од Клиниката од ТОАРИЛУЦ и нивни колеги од Лариса, Грција. Роботот е позајмен, а министерот за здравство вели дека ќе се залага во иднина и да се купи. Директорот на ТОАРИЛУЦ рече дека преку асистенцијата од робот се минимализира каква било можност за компликација, но сепак, нагласува, тој е само асистент, а главен е хирургот

На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) првпат во јавното здравство во земјава, со асистенција на робот, е успешно изведена операција на колено.
Станува збор за интервенција врз 70-годишна жена изведена од страна на хирурзи од ТОАРИЛУЦ и хирурзи од клиниката во Лариса во Грција, со асистенција на позајмен робот.
Директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Александар Трајановски, информира дека операцијата траела околу еден час. Ова, вели тој, не е мала работа.
„Испишуваме историја на Клиниката за ортопедски болести. Направена е прва операција со асистенција на робот, што не е мала работа за мала држава како што е нашата, да сме рамо до рамо со сите светски клиники и сите европски и светски стандарди. На клиниката и понатака ќе продолжиме со имплантирање на тотални протези. Сега ова е нова процедура која овозможува преку асистенција на робот да се минимализира каква било можност за компликација, во смисла дека хирургот досега правел сè сам. Роботот е асистенција на хирургот, но сепак носечки дел е хирургот. Од големо значење е затоа што ги следиме сите светски стандарди и придонесува процентот за грешка да е многу помал“,
изјави директорот на Клиниката.
Тој додаде дека Клиниката има одлична соработка со Клиничката болница во Лариса и изрази благодарност за поддршката од Министерството за здравство, кое, како што рече, создава услови експерти од странство да доаѓаат и да вршат обуки.

Министерот за здравство Фатмир Меџити посочи дека Министерството во иднина ќе се залага за набавување ваков робот, но дека сепак треба да се земе предвид и буџетот.
„Како министер сакам да ја истакнам мојата заложба за што побрзо приближување на реформската агенда, а во исто време, барајќи можности за иницирање на промени кои ќе имаат непосредно влијание врз пациентите, нивните семејства и здравствените работници“,
посочи министерот.
Докторите од Грција, пак, оценија дека роботиката е иднината и дека ова е голем чекор за нашата држава.