Сенаторот Берни Сандерс ја напушти трката за претседателски кандидат на Демократската партија на САД за изборите што се закажани за 3 ноември, соопштија од неговиот изборен штаб.
Сандерс (78) ја заврши претседателската кампања, расчистувајќи го патот за една година помладиот од него Џо Бајден за номинација од демократите и за соочување во ноември со сегашниот американски претседател Доналд Трамп во ноември, јави си-ен-ен.
„Посакувам да ви дадам подобра вест, но мислам дека ја знаете вистината, а тоа е дека околу 300 делегати сега се зад потпретседателот Бајден, така што патот кон победата е практично невозможен. Додека ние ја добиваме идеолошката битка и добиваме поддршката на толку многу млади и работни луѓе низ целата земја, заклучив дека оваа битка за демократската номинација нема да биде успешна. И така, денес го објавувам суспендирањето на мојата кампања “
рече Сандерс во обраќање до поддржувачите, откако прво им ја соопштил одлуката на своите соработници.
На внатрепартиските избори, Бајден беше во водство пред Сандерс, кој, пак, и на претходните избори – во 2016 година се обиде да влезе во претседателската трка, ама тогаш беше суспендиран од Хилари Клинтон.
Сандерс долго време водеше на анкетите и освои неколку од сојузните држави на партиското гласање. Но Бајден почна да реди победи откако пред супер вторникот од трката се повлекоа Пит Бутиџич и Ејми Клобушар, повикувајќи ги своите подржувачи да застанат зад кандидатурата на поранешниот потпретседател на САД.