Во однос на финансиската состојба на Град Скопје, за што советниците од повеќе партии обвинуваат дека е пред банкрот, градоначалничката вели дека тоа е само хајка од коалицијата „СДСМ-ДПМНЕ“ и тврди дека градот никогаш не бил во подобра кондиција

Нови обвинувања на адреса на двете најголеми политички партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, упати вечерва во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, обвинувајќи ги за непринципиелна коалиција и правење хаос во градот
Во дел од своите одговори таа обвини и дека така овие партии сакаат да ја дефокусираат јавноста од тоа што заеднички ќе го сменат уставот.
„Многу е тешко кога имате две најголеми политички партии во Македонија коишто имаат само еден заеднички непријател во овој момент. Мое лично мислење е дека тие се фокусираат да направат хаос низ Градот Скопје и да не ги гласаат проектите затоа што сакаат да ја дефокусираат јавноста од вистинските проблеми во државата, а тоа е како здружено да го сменат Уставот. Но, тоа е друга тема. Оваа тема е, доколку сакаат да се реализираат проектите, тие треба да гласаат во тој Совет, а јас како знам и умеам ќе ги реализирам сите оние проекти коишто ги имам ветено пред граѓани“,
рече Арсовска.
Таа вели дека не се согласува со тоа дека состојбата во Град Скопје е лоша туку дека мнението за тоа што се случува е многу точно.
Арсовска и покрај инсистирањето не сакаше да образложи детално зошто ја раскина соработката со ВМРО-ДПМНЕ и што е тоа што толку ја разгневи кај Христијан Мицкоски. Неколку пати повтори дека ги разделила принципиелноста и порача дека ако некој ве поддржал, не значи и дека треба слепо да ги слушате неговите наредби.
„Единствено треба да одговарам пред граѓаните е за проектите“,
рече Арсовска.
Во однос на финансиската состојба на Град Скопје, за што советниците од повеќе партии обвинуваат дека е пред банкрот, градоначалничката вели дека тоа е само хајка од коалицијата „СДСМ-ДПМНЕ“ и тврди дека градот никогаш не бил во подобра кондиција.
Тоа според неа го потврдува и кредитниот рејтинг бидејќи можноста за кредитно задолжување на Градот од 1,2 милиони сега е зголемена на 25-30 милиони евра.
