Актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган вчера победи во вториот круг од претседателските избори и е реизбран за претседател на Република Турција во наредните пет години
Премиерот Димитар Ковачевски упати честитки до Реџеп Таип Ердоган за новиот претседателски мандат.
„Големото и традиционално пријателство помеѓу Северна Македонија и Турција продолжуваме да го развиваме на билатерален економски план и во рамки на партнерството во НАТО. Пред нас се предизвиците на глобален план и уверен сум дека како и досега, ќе работиме заедно и со уште поголема посветеност на сигурноста и стабилноста на регионот и Европа и мирот во светот“,
напиша Ковачевски во објава на Фејсбук.
Актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган вчера победи во вториот круг од претседателските избори и е реизбран за претседател на Република Турција во наредните пет години.
Претседателот на Изборната комисија, Ахмет Јенер, соопшти дека Ердоган е избран за претседател со освоени 52,1 отсто од вкупниот број на обработени гласови. Неговиот опозициски опонент, Кемал Киличдароглу, пак, освоил 47,8 отсто со речиси сите преброени гласачки ливчиња во вториот круг од изборите.
Според прелиминарните резултати, Ердоган го победил Киличдароглу со околу 2,2 милиони гласа разлика.
Победата на Ердоган синоќа се славеше и во Скопје.
Организирани со возила и турски знамиња, припадниците на турската заедница во земјава се движеа низ централното градско подрачје, славејќи го реизборот на актуелниот турски претседател.
