Николоски вели дека тие нема да прифатат уставни измени, освен ако се примени хрватскиот модел каде што ќе стои дека Македонија е национална држава на македонскиот народ

Под овие услови не сме спремни да гласаме за промена на уставот и доколку условите не се променат ни во овој ниту во следен парламентарен состав не сме спремни да го направиме тоа, затоа што многу едноставно е прашањето, а тоа е што Македонија добива, а што губи. Губи многу, добива малку, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
„Нема ниту еден пратеник во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ кој што е спремен да гласа за промена на Уставот“,
рече Николоски.
Николоски истакна дека македонскиот систем не познава ад хок комисија за уставни промени.
„Процедурата е многу јасна. За да се смени Устав има три фази. Првата фаза е со двотретинско мнозинство да се гласа таканаречена потреба за промена на Устав. Потоа во рамки на Собранието има уставна комисија која подготвува текст кој поминува со 61 пратеник. Истиот потоа се дава на јавна расправа, се собираат мислења од експертите и како финален тескт оди уште еднаш во Собранието со двотретинско мнозинство. Целата процедура трае 105 денови. Ова е устваната процедура во Македонија. Се друго е играње детски игри“,
рече Николоски.
Според него тие нема да прифатат промени во Уставот, освен ако се примени хрватскиот модел каде што ќе стои дека Македонија е национална држава на македонскиот народ.
„Освен ако се премислат за хрватскиот модел и да напишат дека Македонија е национална држава на македонскиот народ, тогаш се уште стоиме на хрватскиот модел“,
додаде Николоски.
Николоски во вечерашното гостување повторно се осврна и на договорот со „Бехтел и Енка“ за кој што рече дека владата лошо преговарала и го повика вицепремиерот Артан Груби да го објави договорот јавно и веднаш потоа да седнат на дуел.
Николоски направи споредба на договорот помеѓу владата и „Бехтел и Енка“ со другите договори потпишани од нив како влада и нивните градоначалници, посочувајќи дека за ископување на постоен асфалт според овој договор ќе плаќаат 7,43 евра за метар кубен, додека за договорот помеѓу „Гранит“ и ЈП за државни патишта изнесува 2,33 евра за метар кубен, или како што рече тој ова е дури 150 отсто повисока цена.
„Тоа докажува дека цените се многу високи. Јас не знам дали дел од тие пари ќе одат за корупција или не. Но, знам дека цените се многу високи“,
смета Николоски.