Мора, порачува министерот, ова да се направи еднаш засекогаш и здравствено да функционира како што треба. Исто така, најавува и решение за хаосот со паркинг-просторот бидејќи, вели, срамота е тоа што се случува. Не сум министер за инфраструктура, порачува Меџити, но тоа мора да се реши бидејќи тоа е ликот на нашата држава и на нас како луѓе

Министерот за здравство Фатмир Меџити очекува од јануари наредната година Клиничкиот центар да функционира како целина, најверојатно со еден генерален директор, со што би се укинале организациските директори на одделните клиники.
„Од првиот ден работам напорно за овој проблем и тој проблем ми е најгорчливата мака што сакам да ја решам. Како кабинет, како Министерство, да го решиме и еднаш засекогаш да се постават работите како што треба на Клинички и да функционира многу полесно, поадекватно и поефективно. Информацијата е готова, во договор со ФЗОМ, значи по Новата година. Се прават сите пресметки и најверојатно се очекува од 1 јануари 2024 да почне да функционира еден клинички центар со генерален директор или како ќе бидат модалитетите, за тоа ќе се договориме“,
одговори министерот на новинарско прашање, по презентацијата на „Мое здравје“.
Тој истакна дека целта е пациентите да добиваат подобра здравствена услуга, а и здравствените работници да функционираат полесно.
На новинарско прашање дали тоа значи дека ќе се укинат организациските, или познати како економски директори, тој одговори потврдно.
Министерот смета дека тогаш ќе се набавуваат работите во поголеми количини и со поевтина цена и ќе има подобра соработка меѓу клиниките.
Ако се стремиме на тој пат, да одиме кон Европската Унија, вели тој, немаме друг пат. Мора, порачува министерот, ова да се направи еднаш засекогаш и здравствено да функционира како што треба.
Меџити се осврна и на проблемот со паркинзите.
„Нема подземна катна гаража, тоа ќе биде. Не дека сум министер по инфраструктура, но, мора тоа да се реши. Тоа е ликот на нашата држава и како нас, како луѓе. Тоа е срамота што се случува во Клинички центар“,
подвлече министерот.