Било околу пладне, кога на 18 март во Битола пет лица од едно семејство излегле од дома за да се караат, по што и ги истепале соседите. На сторителите им се заканува казна, но не поради физичкиот напад, туку затоа што постапиле спротивно на донесените прописи за време на епидемија. Предложената санкција е 2 000 евра за секој од петте напаѓачи или 10 000 евра за нивниот семеен буџет. За насилството, постапката е друга приказна.
За 20 дена предлози за казни на 526 лица
Случајот во Битола, односно неговата верзија според обвинителството, е само еден од стотиците други низ цела држава кои произлегуваат од членот 205 и 206 од Кривичниот законик. Во пракса, по овие членови се казнуваат сите што ги кршат владините мерки за заштита од ковид-19, од шетање без дозвола во полициски час до отворање кафеани за гости кога тоа е забрането.

Анализата што ја направи „360 степени“ на базата на случаи која Јавното обвинителство ја обновува секој ден покажува дека до 7 април се обвинети вкупно 526 лица по овие два члена. Со ретки исклучоци, каде што на обвинетите им се става на товар и потешко дело, најчестата предложена санкција е предлог за издавање казнен налог за парична казна.

Соодветно на бројот на население, најмногу предлози за парични казни се напишани од Основното јавно обвинителство Скопје – 178. Следуваат обвинителите од Битола со 47, па од Кавадарци и Гостивар со по 35 предлози за казни. Најмирни биле граѓаните или, пак, полицијата и обвинителството најмалку работеле во Кичево (една казна), Струмица (две казни), Берово (четири казни), Струга (четири казни). Резултатот на 20 обвинителства е прикажан во табелата.
Скопје | 178 |
Битола | 47 |
Кавадарци | 35 |
Гостивар | 35 |
Кочани | 30 |
Прилеп | 29 |
Гевгелија | 26 |
Велес | 25 |
Куманово | 24 |
Радовиш | 22 |
Делчево | 18 |
Штип | 15 |
Дебар | 9 |
Ресен | 9 |
Свети Николе | 8 |
Охрид | 5 |
Струга | 4 |
Берово | 4 |
Струмица | 2 |
Кичево | 1 |
Во Македонија, сепак, има 22 Основни јавни обвинителства. На листата недостасуваат Тетово и Крива Паланка. Од државното обвинителство појаснуваат дека во Тетово има казни, но не ги комуницирале до централата, додека во ЈО Крива Паланка нема обвинители, па градот го покрива ЈО Куманово.
Казните досега „тежат“ барем 817 000 евра
Податоците од Јавното обвинителство даваат и преглед на висината на побараните казни за непослушните граѓани. Од нив, може да се пресмета вкупната минимална сума, но не и вистинската која е повисока од вредноста прикажана тука.
Причината за тоа е што во најголемиот дел од случаите јавните обвинителства побарале точна сума како казна, но во дел од нив е оставено да „пресече“ судот. На пример, најголемиот дел од казните ги содржат речениците „парична казна од 100 дневни глоби по 20 евра“, што во превод значи 2 000 евра. Но, во неколку десетици случаи пишува само „100 дневни глоби“ или, пак, „10 до 100 дневни глоби“, без да се наведе и сумата.
Елизабета Недановска, портпаролка на ЈОРМ, објаснува дека „цената“ на дневната глоба во тие случаи може да се движи од 1 до 5 000 евра за ден.

„Доколку е поднесен предлог за изрекување казнен налог, тогаш висината на паричната казна е од 10 до максимално 100 дневни глоби – член 497 став 3 точка 1 од Законот за кривична постапка. Согласно член 38 став 3 од Кривичниот законик, најмала вредност на дневна глоба е 1 евро, а најголема е 5 000 евра во денарска противвредност“,
вели Недановска за „360 степени“.
По најконзервативна пресметка за случаите каде што не е наведена и сумата, односно по 1 евро за ден, досега предложените казни за лицата што ги прекршиле член 205 и 206 од КЗ изнесуваат 817 340 евра. Доколку пак се користи „реалистично“ сценарио, според казните изречени во другите случаи, тогаш сумата е околу еден милион евра.

Според конзервативното сценарио, најголема е висината на казните изречени во Скопје, 356 000 евра. Потоа следува Битола, каде што обвинителите бараат глоби со вкупна висина од 98 000 евра. На долниот дел од листата е Струмица каде што за двете лица кои го прекршиле законот не се бара парична, туку построга казна. Берово, Дебар и особено Гостивар не се погоре на листата бидејќи токму во овие градови има голем број случаи каде што обвинителите оставаат на судот да ја одмери висината на казната, па ја користевме крајно конзервативната пресметка.
ОЈО | предложена казна |
Скопје | 356 000 |
Битола | 98 000 |
Прилеп | 63 000 |
Кочани | 60 000 |
Делчево | 36 000 |
Гевгелија | 32 000 |
Кавадарци | 30 500 |
Куманово | 30 000 |
Велес | 20 000 |
Ресен | 19 000 |
Штип | 17 000 |
Свети Николе | 14 700 |
Радовиш | 14 500 |
Струга | 13 000 |
Кичево | 4 000 |
Охрид | 3 600 |
Гостивар | 2 870 |
Дебар | 2 070 |
Берово | 1 100 |
Струмица | 0 |
Како што може да се види и од табелите, има значителни разлики и кај други градови, кои имаат значителен број на казнети граѓани, но пониски казни и обратно, мал број казнети граѓани, а високи казни. Така е затоа што во различни случаи се барало различна висина на дневна глоба, од 5 па до 50 евра
Од ЈОРМ велат дека при изготвувањето на предлозите за казни се зема предвид тежината на делото, но и други околности. Причината, пак, што казната се изрекува во дневни глоби е едноставна – ако некој не си ги плати дневните глоби, ќе мора да си одлежи толку денови во затвор.
„Доколку осудениот не поднесе приговор, изречената санкција станува правосилна, и сторителот треба да ја плати во законски дадениот рок. Доколку не ја плати изречената парична казна, тогаш таа се менува следствено на изречените дневни глоби во денови затворска казна. Доколку осудениот поднесе приговор, тогаш во судот продолжува редовна судска постапка за тој предмет, односно Судот закажува главна расправа“
вели Елизабета Недановска, портпаролка на ЈОРМ.
Во сите случаи, велат од Јавното обвинителство, судовите засега ја пресудуваат истата сума пари како казната која ја барал обвинителот. Засега сепак нема податок – колку граѓани си ја платиле казната со уплата во Буџетот, а колку решиле да ја одлежат на државен трошок.