Тетовските пожарникари на градскиот плоштад демонстрираа како со скалата од 37 метри ќе се искачуваат од надворешната страна на високите згради и ќе ги извлекуваат загрозените граѓани при несакани ситуации
Тетовските пожарникари денеска по првпат пред граѓаните покажаа како ќе се употребува новиот камион со подвижна скала од 37 метри. Презентацијата и вежбата беа изведени на градскиот плоштад по повод Денот на македонските пожарникари.

Тие пред граѓаните покажаа како пожарникарите ќе се искачуваат од надворешната страна на високите згради и како ќе се спуштаат граѓаните. Камионот со скалите е донација од иселеници од Швајцарија.

„Уште не се употребени овие скали бидејќи имавме инструктори од Операција Флоријан. Ги научија нашите тимови за да бидат спремни и да знаат да ги употребуваат скалите до височина од 37 метри. Денеска за првпат имавме и показна вежба како се интервенира во случај на потреба од спасување од хемикалии и отрови. Воедно, дел од вежбите беше интервенција со сечење возило и извлекување патници при сообраќајна несреќа“,
изјави Авни Амети, командир на Територијалната противпожарна единица Тетово.
Иако на Советот на Општина Тетово беше усвоена студија за дисперзија на ТППЕ Тетово, сè уште нема реализација на идејата.

„Генерално е разговарано со градоначалниците на другите општини. Работиме на детали за договори кои ќе бидат доставени до градоначалниците и после ќе одиме на следен чекор, основање на дисперзирани единици. И по закон се обврзани другите општини да покријат дел од трошоците. Со оваа дисперзија се надеваме дека подобро ќе ги регулираме односите“,
изјави градоначалникот Биљал Касами.
Противпожарната единица во Тетово брои 75 вработени.

„Уште толку ни требаат за да го покриеме целото подрачје што го покриваме со нашата дејност. Најдалечната точка ни е селото на границата со Косово на 36 километри. Во правец на Гостивар покриваме 16 километри и до Скопје 18 километри. Шар Планина е наша одговорност, односно сите села во планините. Заедно со градоначалникот работиме да се дисперзира нашата противпожарна единица. Ние се трудиме со сите законски мерки да го постигнеме тоа“,
истакна Авни Амети.

Лани ТППЕ Тетово имала 586 интервенции. Поголем дел се на отворен простор и во објекти. Досега имале 213 интервенции.