Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека по изминативе седум години граѓаните плаќаат за 100 проценти поскапа електрична енергија. Оваа реакција на партијата доаѓа откако владејачкиот СДСМ најави дека граѓаните може да очекуваат наскоро цената на струјата во одреден период од денот да биде значително пониска
Откако во рок од две години ја поскапеа цената на струјата за речиси 40 отсто за обичниот граѓанин, сега им текна да се грижат. Вака реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако владејачкиот СДСМ објави дека се прават последни анализи за враќање на дневната евтина тарифа на струјата.
„Поради катастрофалните политики од неспособните кадри на СДС и ДУИ кои го водат енергетскиот сектор и заради нивното несовесно работење изминативе седум години граѓаните плаќаат за 100 проценти поскапа електрична енергија, а ЕЛЕМ (ЕСМ) стана загубар кој се субвенционира со милиони евра од буџет. Цената за неодговорноста, неспособноста и предизвиканите хаварии и штети крајно време е да престанат да ја плаќаат граѓаните на Македонија“
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата сметаат дека со враќање на дневната тарифа СДСМ нема да успее да го придобие народот.
„Само со ВМРО-ДПМНЕ народот ќе почувствува кој навистина мисли на граѓаните. Сега е доцна да прават ваков ПР-трик откако нè осиромашија нас обичните граѓани, а нивните олигарси се обезбедија со имот и пари за три поколенија во иднина. Нека знае секое семејство дека со враќање на евтината тарифа ќе добие најмногу 200 денари од СДС за да ги прелажат пред избори, откако нè презадолжија со 230 милиони евра кој под плаштот на „енергетска криза” ги украдоа минатата година владејачките структури на ДУИ и СДС кои раководат со енергетските компании“,
обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата порачуваат дека „одговорност за ова ќе има, народот знае дека едвај преживува, додека власта на неговиот грб се богати“.
