Станува збор за едно од клучните прашања за кои треба да биде изнајдено решение со измените на Законот имајќи ја предвид практиката од досегашната негова примена, особено во случаите поврзани со помилувањето од кривично гонење, велат од Министерството за правда кое денеска организираше јавна дебата во врска со предлог-измените на овој Закон
Законот за помилување изминативе години беше предмет на повеќе измени, кои наместо одржливи решенија, предизвикаа бројни контроверзии. Тие кулминираа во април 2016 година кога тогашниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, донесе одлука да помилува повеќе од 50 лица опфатени во случаите на тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО), но и надвор од нив. Одлуката тогаш предизвика масовни демонстрации и негодувања во јавноста, но и полемика од стручната фела дали воопшто можел да даде помилувања.
Претседателот на државата да може да даде помилување само на лица на кои веќе им е одредена казна, но, не и на оние кои се предмет на кривично гонење. Ова е решението зад кое застанала работната група за предлог-измените на Законот за помилување, за кои Министерството за правда денеска организираше јавна дебата.

Станува збор за едно од клучните прашања за кои треба да биде изнајдено решение со измените на Законот имајќи ја предвид практиката од досегашната негова примена, особено во случаите поврзани со помилувањето од кривично гонење.
„Министерството за правда организираше јавна расправа за предлог-законот за помилување. Едно од клучните прашања кое беше предмет на широка дискусија беше прашањето за правото на претседателот (на државата) да помилува лица од казна и од кривично гонење. Имајќи ја предвид практиката од досегашната примена на законот и особено случаите поврзани со помилувањето од кривично гонење, работната група застана зад решението согласно кое претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Ова решение беше целосно поддржано и од работната група која работи на новиот Кривичен законик“,
се наведува во соопштението од Правда за јавната дебата.
Оттаму велат дека значајна новина се и решенијата со кои детално е разработена постапката за помилување.
„Предвидени се кратки рокови за постапување за секоја од институциите кои се вклучени во постапката за помилување. Во тој контекст се и одредбите со кои се пропишува прекршочна одговорност на лицата кои постапуваат по предметите“,
велат од Министерството за правда.
На измените на Законот за кој се дискутираше денеска на јавна дебата, се работело подолг период. Биле разгледани повеќе компаративни искуства, а најголем дел од решенијата, според Правда, се содржани во легислативата на оние држави кои имаат слични правни системи со нашиот.
Законот за помилување изминативе години беше предмет на повеќе измени, кои наместо одржливи решенија, предизвикаа бројни контроверзии. Тие кулминираа во април 2016 година кога тогашниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, донесе одлука да помилува повеќе од 50 лица опфатени во случаите на тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО), но и надвор од нив. Одлуката тогаш предизвика масовни демонстрации и негодувања во јавноста, но и полемика од стручната фела дали воопшто можел да даде помилувања.
Тој аболицијата ја даде повикувајќи се на член 11 од Законот за помилување. Меѓутоа, она што беше спорно е дали тој член воопшто бил во сила во 2016 година кога беше дадена аболицијата или не.
Имено, членот 11 предвидува „претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилувања и без спроведување на постапката за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека тоа е оправдано“.
Членот е дел од Законот донесен во 1993 г. Меѓутоа, во 2009 година, кога Бранко Црвенковски како претседател на државата го помилува Зоран Заев, тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ изгласа законски измени со кои го избриша членот 11.
Но, во 2016 година – непосредно пред Иванов да одлучи да даде помилување, тогашниот состав на Уставниот суд ги укина измените на Законот од 2009 година. Она што го спореа дел од експертите во однос на аболицијата е дека претседателот, сепак, и покрај одлуката на Уставен не можел да ги изврши помилувањето бидејќи тоа што се укинати законските измени од 2009 година не значи и дека е „оживеан“ и вратен во сила членот 11.
Поради бурните реакции, револтот и масовните протести што ги предизвика Иванов во април 2016 г., тогашниот парламентарен состав за да му овозможи основа да ги повлече помилувањата, кои и така беа оспорувани, донесе законски измени вметнувајќи член 11-а кој предвидуваше: „претседателот може во рок од 30 дена од денот на донесување на законот да го поништи помилување“.
Одлуката на Иванов да ги помилува, а потоа да ја повлече беше основот по кој дел од функционерите, кои беа опфатени во истрагите на СЈО, се обратија до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тие настапија со тезата дека еднаш дадено помилување не може да се повлече.
По пет години, односно на 16 февруари годинава ЕСЧП се произнесе дека нивните жалби се недопуштени бидејќи не се исцрпени сите домашни правни лекови.
Прв кој ќе има можност да ги исцрпи сите домашни правни лекови ќе биде поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески, кој во случајот „Транспортер“ правосилно е осуден на затворска казна од седум години. Неговата одбрана веќе поднесе барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување на правосилна пресуда во кое како еден од своите аргументи го наведува помилувањето од Иванов.
Постапката за помилување е регулирана со Законот за помилување и почнува со поднесување молба до судот што ја изрекол првостепената пресуда, од каде што со останатата документација се доставува до Министерството за правда. Потоа ресорниот министер дава предлог до претседателот на државата кој ја носи конечната одлука откако претходно ќе добие мислење од Комисијата за помилување како постојано тело во служба на шефот на државата.
Меѓу звучните имиња кои неодамна се обидоа да го искористат институтот помилување, беа поранешната шефица на згаснатото СЈО, Катица Јанева, експретседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Владимир Панчевски, и бизнисменот Сеад Кочан. Сепак, нивните барања за помилување беа одбиени од шефот на државата, Стево Пендаровски.