Реализацијата на првата фаза, од МОН очекуваат дека ќе се заокружи за 18 месеци од почетокот на градежните работи

Студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ се први на листата за реновирање, кое според најавите од Министерството за образование и наука (МОН), ќе почне во втората половина од годинава. Реализацијата на првата фаза, од МОН очекуваат дека ќе се заокружи за 18 месеци од почетокот на градежните работи.
Во овој период од МОН велат дека се прибираат финансиски понуди од економските оператори кои се одбрани во постапката за претквалификација, а согласно правилата на развојната банка КФВ, која заедно со Европската Унија е финансиер на овој капитален проект.
„Откако ќе биде избрана најекономичната понуда, ќе се склучи договор за изведба на работите“,
велат од МОН.
Оттаму додаваат дека веќе имаат склучено договор за обезбедување на средства во износ од 25 милиони евра за реконструкција на сите девет државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.
„Владата на Република Северна Македонија, односно Министерството за образование и наука склучи договор за обезбедување на средства во износ од 25 милиони евра за реконструкција на сите девет државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид. 20 милиони се заем од КФВ развојната банка, додека пет милиони евра се грант преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија. Реконструкцијата која подразбира замена на сите позиции во домовите, електрични и водоводни инсталации, фасади, топлотни системи, врати, прозорци, молерисување, опремување ќе се одвива во три фази“,
потсетуваат во денешното соопштение од МОН.
Во втората фаза, како што велат од Министерството, е предвидена реконструкција на студентските домови „Томе Стефановски-Сениќ“, „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип, „Народен херој Орде Чопела“ – Прилеп, кои е предвидено да бидат згради со енергија близу до нула (NEZB). Третата фаза од проектот предвидува реконструкција на мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ и на студентските домови „Кочо Рацин“ во Битола и „Пелагонија“. Почетокот на градежните работи е предвиден во првата половина на 2024 година.
Најави за почеток на реконструкцијата на студентските домови, министерот за образование и наука Јетон Шаќири даде уште во јануари. Шаќири тогаш рече дека реконструкцијата треба да започне на почетокот на оваа година со домот „Стив Наумов“ во Скопје, каде што условите за престој се најлоши.