„Македонски телеком“ ќе донира картички со мобилен интернет од 10 ГБ месечно за децата од социјалните семејства со цел да можат да се вклучат во онлајн-наставата, информираа од Владата.
На прес-конференција министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски изјави дека потпишале договор за донација од 18 400 картички за мобилен интернет, кој ќе биде наменет за пристап само до платформите за учење.
Дистрибуцијата на картичките за деца од основно и средно образование ќе ја спроведува Министерството за труд и политика, преку Центрите за социјални работи.
„На овој начин не оставаме ниту едно дете, на сите им овозможуваме пристап до интернет за да можат да ја следат онлајн-наставата. Имајќи предвид дека имаме деца кои немаат пристап до интернет, се наметна потребата да им помогнеме. Ова се вонредни времиња и потребна е вонредна помош“,
порача Манчевски.
Директорот на „Телеком“, Никола Љушев, порача дека со донацијата ќе бидат опфатени 30 000 основци и средношколци кои доаѓаат од семејства во социјален ризик.
„Соработката меѓу државните институциите со бизнис-секторот сега е клучна. Ова е еден чекор напред кон решавање на предизвикот за обезбедување еднакви услови за дигитална настава на сите деца“,
порача Љушев.
Министерот за образование Арбер Адеми изрази надеж дека онлајн-наставата ќе се организира без проблеми.
„Ако беше предизвик дали сите деца ќе имаа пристап до интернет, со денешното потпишување на овој договор за донација се обезбедува интернет за сите ученици од загрозени социјални семејства“,
порача Адеми.
Министерот за образование претходно информираше дека МОН испратило допис до сите училишта да достават информации колку од децата немаат пристап до интернет. На прашањето, што е со оние кои немаат дигитални уреди, Адеми изјави дека такви семејства биле малку и најави дека државата со донатори од бизнис секторот ќе им додели ИТ уреди на најзагрозените семејства.