Новото дебатно издание на емисијата „360 степени“, во кое гостуваат универзитетските професори Јасна Бачовска Недиќ и Огнен Спасовски, се емитува вечерва (12 мај 2023 г.) од 22:15 часот на ТВ „Алсат“
Во истражување на тема „ситна корупција“ што за потребите на „360 степени“ го спроведе „Тим институт“, едно од прашањата беше – замислете се во ситуација да ве запре сообраќајна полиција по направен прекршок, што прво би направиле? Кога одговорите ќе се разложат преку возраста на испитаниците, видливи се разлики меѓу најмладите и највозрасните. Мнозинство или 51,5 отсто од оние на возраст од 18 до 34 години рекле дека ќе ја замолат полициската патрола да им прости. Од оние над 55 години, таков одговор дале околу 40 отсто. Дека прифаќаат оти направиле прекршок и ќе ја платат казната одговориле 28 отсто од најмладата категорија испитаници. Од највозрасните – така рекле десет процентни поени повеќе или 38 отсто. Слична разлика, во обратна насока, се гледа и кај одговорот – итно барате пријател за да ѝ се јави и да побара од патролата да не ве казнува. Тоа би го направиле 18,1 отсто од најмладите наспроти 10,4 отсто од највозрасните во истражувањето.
За причините за ваквите одговори разговараме со Јасна Бачовска Недиќ – професорка по социологија на правото на „Јустинијан Први“ при УКИМ, и Огнен Спасовски – професор на Институтот по психологија на Филозофскиот факултет при УКИМ.
Емисијата се емитува од 22:15 часот на ТВ „Алсат“.