Во врска со најавите кои доаѓаат од Илинденска број 2 дека очекуваат до крајот на мај предлог-иницијативата за уставните измени да биде доставена до Собранието, претседателката на работната група рече дека не сака да шпекулира со време, бидејќи никогаш не се знае како ќе се одвиваат работите
Работната група за подготвување на предлог-иницијативата за потребата од уставни измени со кои Бугарите и другите народи треба да бидат вметнати во највисокиот правен акт на државата, на денешната седница во Владата ја завршила расправата по Деловникот за работа на ова тело и за него ќе гласа следниот петок.

Ова по завршувањето на состанокот го соопшти претседателката на работната група Маргарита Цаца Николовска. Таа пред почетокот на седницата во изјава за медиумите рече дека се додека не биде донесен Деловникот, Работната група не може да почне со работа на суштинската материја, бидејќи од него, како што посочи, произлегуваат многу работи кои треба да ги имаат предвид за понатаму.
„Го разгледувавме Деловникот. Завршивме со негово разгледување и идниот петок ќе го гласаме истиот. Тоа беше содржината на денешната седница“,
рече Цаца Николовска по завршување на состанокот, пренесува МИА.
Во врска со најавите кои доаѓаат од Илинденска број 2 дека очекуваат предлог-иницијативата за уставните измени да биде доставена до Собранието до крајот на мај, претседателката на работната група рече дека не сака да шпекулира со време.
„Комисијата е составена од 23 членови, секој ќе сака нешто да каже, на што има право нормално. Сето тоа треба да се разгледува, да се сумира и во зависност од сето тоа ќе оди драфтирањето на предлог-нацрт амандманите“,
рече Цаца Николовска.

На новинарско прашање пред почетокот на состанокот, дали изготвените предлог-амандмани ќе бидат ставени на увид на јавноста и на граѓаните, Цаца Николовска изјави дека нивна обврска е да ги изготват, а за натамошната процедура е наделжно Министерството за правда.
„Ние имаме обврска да ги изготвиме. Изготвените ги доставуваме до Министерство правда. Како тие понатаму ќе се однесуваат во тој поглед, не можам да ви кажам. Јас само можам да ви гарантирам дека Комисијата ќе работи крајно транспарентно и ќе бидете известени апсолутно за се што работиме и како работиме“,
рече претседателката на работната група.
Работната група за подготовка на предлог иницијативата за потребата од уставни измени, за внесување на Бугарите, заедно со други етнички заедници, што е услов за отворење на кластерите во процесот на преговори со Европската Унија, ја сочинуваат 23 членови од кои десет се од редот на експертите, десет се предлози на политички партии и тројца се членови од институции.
Експерти во работната група ќе бидат се:
- Сали Мурати – поранешен претседател на Уставен суд
- Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур
- Бајрам Положани – поранешен уставен судија и професор по уставно право
- Бранко Наумовски – поранешен претседател на Уставен суд
- Јетон Шасивари – професор на Универзитетот на ЈИЕ
- Ана Чупеска – професор на Правен факултет ,,Јустинијан Први”
- Елена Михајлова Стратилати – професор на Правен факултет „Јустинијан Први“
- Беса Арифи – професор на Универзитетот на ЈИЕ
- Јагода Митревска – професор на Меѓународен Славјански Универзитет
- Марија Пандевска – професор на Институт за национална историја
Членови на работната група предложени од партиите се:
- Цветанка Иванова – СДСМ
- Арбер Адеми – ДУИ
- Ремзи Мехмеди – Алијанса на Албанците
- Соња Мираковска – НСДП
- Нано Ружин – ЛДП
- Христа Најданов – ДОМ
- Темелко Ристески – Партија на пензионери
- Раметула Куќи – ДПА
- Еран Куртиш – Партија за движење на Турците
- Бејџан Илјас – Демократска партија на Турците
Членови нна работната група предложени од институции се:
- Александар Спасов – Кабинет на претседател на Република Северна Македонија
- Драган Тилев – Секретаријат за европски прашања
- Шпенд Садики – Министерство за надворешни работи