Триумфалното гостување на ансамблот на Битолскиот театар во Тирана е значаен настан за соработката во сферата на театарот и на културата меѓу двете земји. Македонскиот јазик со актуелен театарски израз прозвучи пред преполниот салон на главната театарска сцена во соседна Албанија, а нашата продукција беше пречекана со искрени емоции, порача министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска
По повеќе од 30 години, македонскиот театар вчеравечер гостуваше на сцената на Народниот театар во Тирана.

На даските што живот значат беше изведена претставата на Битолскиот театар „Артуро Уи“ од Бертолд Брехт, во режија на Ќендрим Ријани. Изведбата беше поздравена со силен аплауз и повеќеминутни овации.

Претставата ја проследија министерките за култура на С Македонија и на Албанија, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Елва Маргарити, а гостувањето на македонскиот театар во Албанија се реализира со поддршка од Културно-информативниот центар (КИЦ) на Македонија во Тирана и директорот Златко Ориѓански.

„Триумфалното гостување на ансамблот на Битолскиот театар во Тирана е значаен настан за соработката во сферата на театарот и на културата меѓу двете земји. Македонскиот јазик со актуелен театарски израз прозвучи пред преполниот салон на главната театарска сцена во соседна Албанија, а нашата продукција беше пречекана со искрени емоции, со комплименти и големо пријателство“,
порача министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Овој настан, додаде министерката, ни ги покажува бескрајните можности за зближување и запознавање на културите меѓу двата народа и за креирањето побогата културна слика на овој дел од Балканот.