Независниот експерт сега ќе го елаборира извештајот за мисијата и нацрт-препораките, што ќе бидат доставени на разгледување со цел усвојување на 43-та сесија на Постојаниот комитет што е предвидено да се одржи кон крајот на годинава, се вели во објавата од Бернската конвенција

На крајот на годинава ќе биде елабориран експертскиот извештај од спроведената теренска проценка на Охридскиот Регион од страна на делегацијата на Бернската конвенција, Рамсарската конвенција и на УНЕСКО.
„Независниот експерт сега ќе го елаборира извештајот за мисијата и нацрт-препораките, што ќе бидат доставени на разгледување со цел усвојување на 43-та сесија на Постојаниот комитет што е предвидено да се одржи кон крајот на годинава“,
се вели во објавата од Бернската конвенција.
Делегацијата, која од 25 до 27 април, беше во посета на Охридскиот Регион го објави извештајот за посетата и за спроведената теренска проценка за состојбата.
Како што се посочува во објавата од Бернската конвенција, во односниот период се спроведени проверки на состојбата со природното наследство на Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“ – кандидати за Емералд-подрачја.
„Посетата на засегнатите области е спроведена во врска со отвореното досие за случај 2017/2, а се однесува на наводните негативни влијанија поради неодржлива инфраструктура и неконтролирана урбанизација“,
се вели во објавата.
Според информацијата, тимот на меѓународната мисија во текот на посетата се состанал со различни засегнати страни, вклучително министерка за животна средина и просторно планирање, претставници на властите на национално и општинско ниво, на граѓанското општество, на управата на НП „Галичица“, како и со претставници на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.
Во извештајот за посетата уште се посочува дека се спроведени неколку теренски посети од кои е направен преглед на заштитените подрачја и развојот што може да има негативно влијание врз видовите и живеалиштата присутни таму.
Посетата на Охридскиот Регион е реализирана откако претходно во 2021 година при онлајн-мисија фокусирана на отвореното досие за случај 2013/1 за Националниот парк „Маврово“, беа предложени препораки насочени кон општото управување со заштитените подрачја во Северна Македонија, вклучително и мисија за посета на двете засегната локации.
При нивната посета на Охридскиот Регион, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова рече дека очекув реална независна процена на состојбата со природното наследство на Охридското Езеро и НП „Галичица“ и применливи препораки за нивно одржливо управување.
„360 степени“ пред месец и половина ја најави посетата на меѓународните експерти кога пишувавме за состојбата со Охридскиот Регион кој е на крстопат меѓу светско и загрозено наследство на УНЕСКО.
На почетокот на февруари 2023 година македонската Национална комисија за УНЕСКО го достави извештајот во кој земјава треба да ги убеди Обединетите нации дека презема сериозни чекори за да го заштити Охридскиот Регион, а со тоа и неговиот статус како светско културно наследство.
Одлуката ќе биде донесена на самитот на УНЕСКО во Ријад, Саудиска Арабија, каде што повторно ќе знае дали Охридскиот Регион ќе стане светско културно наследство во опасност.
Невладиниот сектор и познавачите на состојбата со Охридскиот Регион сметаат дека нема видлив напредок, иако по двете реактивни мисии на УНЕСКО во Охрид беа дадени листи со итни препораки. Комуналните проблеми, урбанистичкото планирање, справувањето со отпадот, третманот на отпадните води се областите во кои требаше да се работи за да се исполнат препораките од УНЕСКО, но досега, како што велат познавачите на состојбата во Охридскиот Регион, ситуацијата е статус кво.
Невладините се надеваат дека Охрид конечно ќе биде ставен на листата светско културно наследство во опасност бидејќи очекуваат само тогаш државата сериозно да се посвети на проблемот.