И покрај сите мерки на Владата, трошоците за храна и пијалаци за само една година се зголемени за 2 766 денари, а во 2023 година ниту еднаш не е намалена вредноста на храна и пијалаци во делот на синдикалната минимална кошница, велат од ССМ

Минатиот месец на едно четиричлено семејство му биле потребни 49 384 денари за да ги покрие минималните трошоци. Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), кои ја изработуваат синдикалната потрошувачка кошничка, велат дека најмногу пари во април, 19 224 денари, биле потребни за храна и пијалаци, а 13 423 денари биле потребни за да се покријат трошоците за домување.
„И покрај сите мерки на Владата, трошоците за храна и пијалаци за само една година се зголемени за 2 766 денари, а во 2023 година ниту еднаш не е намалена вредноста на храна и пијалаци во делот на синдикалната минимална кошница што покажува дека функционерите си го гледаат само нивниот интерес и знаејќи го овој факт си ги зголемија нивните плати за 2 000 денари дневно или за 78 отсто месечно“,
велат од ССМ.
Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека за покривање на оваа потрошувачка кошничка на еден работник не му се доволни две и пол минимални плати, а дека еден функционер со неговата плата покрива три синдикални минимални кошнички.
Од ССМ ги повикуваат работниците масовно да им се придружат на синдикатите и во наредниот период заедно со нив да го изразат незадоволството од ваквата состојба.