Повеќе и не треба да дојде 21 часот за улиците да бидат празни. Сите се дома и во последните изданија на вестите уште еднаш ја слушаат информација која најверојатно веќе ја знаат – денеска во Македонија има 15 новозаразени од ковид-19 а уште три лица ја загубиле битката со вирусот.

Многумина веќе ги провериле најпопуларните ковид-мапи на интернет за земјава. И ја виделе оваа линија – вкупниот број на случаи остро се зголемува. Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека таа линија не само што наскоро нема да почне да паѓа, туку напротив.
„Бројот на заболени во деновите, неделите што се пред нас дополнително ќе расте. Сè уште остануваат прогнозите дека пикот на болеста ќе биде на крајот на април и некаде очекуваме околу 2.000 пациенти, иако многу фактори влијаат на овие предвидувања“,
изјави министерот за здравство Венко Филипче на 5 април 2020 година.

Во најавата на Филипче го немаше и одговорот – за колку новозаразени случаи ќе слушаат граѓаните секој ден, во текот на април. Како што кажа и министерот, на проекцијата влијаат многу фактори, но сценариото од 2000 заболени на крајот на април, веќе нуди доволно податоци за да се пресмета очекуваниот тренд.

Во првата недела од откривањето на првиот пациент во земјава, немаше други регистирани случаи на ковид-19. Во втората недела, беа дијагностицирани шест лица. Во третата недела имаше 25 новозаразени, во четвртата 117, а во петтата 181 нов случај на коронавирус. Шестата недела од појавата на болеста, која завршува утре, досега бележи 241 случај. Под претпоставка вторничкиот биланс да биде во рамките на просекот од последните неколку дена, неделата ќе биде затворена со околу 280 случаи, со што во земјава има вкупно 610 регистрирани случаи на ковид-19. За таа бројка да биде околу 2000 заразени до крајот на април, како што проектира министерот, математиката вели дека неделниот број на новозаразени треба да се движи од 400 до 500, или во просек, од 60 до 70 нови случаи дневно.
На терен, земањето примероци за ковид-19 го прават екипи на Институтот и центарите за јавно здравје. Директорот на скопскиот центар, Арбен Зибери, вели дека проценката за идниот број на заболени е комплексна операција, која се темели на епидемиолошките анкети, искуството од странство и преземените домашни мерки.

„Значи, имаше два вида на алгоритими. Еднот беше додека беа отворени границите. Сега се водиме по друг алгоритам, бидејќи веќе се знае дека границите се затворени и пикот на вирусот, или бројката која ние ја очекуваме на дневна основа, како што кажавте, веќе сигурно бројките ќе се движат некаде 100 пациенти во наредните денови ќе бидат дијагностицирани, ќе бидат позитивни на тестовите кои ги обработува Институтот за јавно здравје“,
вели за „360 степени“ директорот на Центарот за јавно здравје-Скопје, д-р Арбен Зибери.
Во претпоставено сценарио бројот на новозаболени на дневна основа да се движи кон 100 до крајот на април, тогаш до крајот на месецов земјава би надминала 2500 регистрирани случаи, без да се земат во предвид лицата кои оздравеле или починале.

Д-р Зибери сепак не сака да даде конечни проценки, бидејќи вели дека е невозможно од оваа перспектива да се погодат точните бројки. Она во што е уверен е дека во ниту едно сценарио бројките нема да го преминат „прагот на издрживлост“ на здравствениот систем.
„Ако одиме со овие бројки, со овеа линеарно јас ќе кажам покачување или новооткриени случаи, јас мислам дека здравствениот систем без проблем може да фунционира и имаме доволен капацитет“,
вели д-р Зибери.
Следната споредба која ја направивме во „360 степени“ е како стои земјава во однос на најпогодените држави во Европа, Италија и Шпанија, според бројот на случаи на 100 000 жители.

Графиконот, за сите три земји, почнува со првиот дијагностициран случај. Во првите две недели речиси и да нема разлика во бројките, но има во мерките. Македонија, на крајот на втората недела, ги затвара училиштата и почнува со повеќе тестови. На крајот на петтата недела, Македонија има повеќе случаи на 100 000 жители од Италија и Шпанија. Крајот на петтата недела е моментот и кога Италија ги затвара сите училишта. На крајот на шестата недела Италија ја престигнува Македонија по бројот на новозаразени на 100 000 жители. Во Шпанија почнува првиот значителен раст и земјата дури тогаш ги затвара училиштата. Доколку се оствари сценариото, на крајот на април земјава да има 2000 случаи, Македонија веќе следната недела ќе има двојно помалку новозаразени отколку што имаше Италија во истиот период по првиот регистриран случај. За две недели, тоа би биле три пати помалку случаи од Италија и четирипати помалку од Шпанија.

Доколку пак го разработиме „полошото“ сценарио, односно бројот на новозаболени дневно да се се искачи и до 100, сликата е понеповолна, но е далеку од она што се случи во Италија, а особено од она во Шпанија. На крајот на седмата недела, со претпоставените бројки, Македонија би имала 30 новозаразени неделно на 100,000 жители, колку што имаше Шпанија во истиот период, Италија, пак, тогаш има 41,5. Вистинската разлика би била во неделите осум и девет, во услови кога и во Италија и во Шпанија во тек е десеттата недела по првите регистрирани случаи.
„Реално, ние како држава, преземавме многу порано, многу поригорозни мерки отколку Италија и Шпанија и затоа мислам дека кај нив кривата дојде одеднаш да се зголеми рапидно бројот на луѓе кои се заразени со ковид-19. Ние тоа уште од јануари месец тоа го претпоставувавме и затоа мерките етапно се имплементираат. Треба да претпоставиме дека ќе ни се зголеми бројот на луѓето кои ќе бидат позитивни овие недели, но нема да бидеме во таква состојба како што се случи во Италија и во Шпанија“ ,
вели д-р Арбен Зибери.
Дали и кое од овие сценарија ќе ги следи Македонија, ќе зависи и од поведението на граѓаните.