Седницата е повторно со назнака итна, а на краткото соопштение за нејзиното одржување е потпишан заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, кој го иницираше контроверзното разрешување на Весна Дамева од функцијата претседател на Советот
Судскиот совет за денеска во 16:30 часот, по работното време, ја закажа седницата за избор на нов претседател на Советот, откако претходната која требаше да се одржи, беше одложена без никакво образложение.

Седницата е повторно со назнака итна, а на краткото соопштение за нејзиното одржување е потпишан заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми.
„Судскиот совет на Република Северна Македонија известува дека 439-та итна седница која беше одложена за 02.05.2023 година ќе се одржи на 04.05.2023 година (четврток) во 16:30 часот“,
се наведува во соопштението објавено на интернет-страницата на Советот.

Случувањата во Судскиот совет изминативе денови ја бранува јавноста и ситуацијата таму останува нејасна откако на 26 април на контроверзен начин беше разрешена претседателката на ова тело, Весна Дамева.
Нејзиното разрешување го иницираше заменик-претседателот на Советот, Селим Адеми, откако го презеде водењето на седницата и покрај присуството на Дамева и предлогот за нејзино разрешување го стави на гласање.
Со Адеми, „за“ разрешување гласаа уште шестмина други членови на Судскиот совет: Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска.
По ова, тој закажа две седници за избор на нов претседател на Судскиот совет, од кои првата беше уште следниот ден, на 27 април, која се одложи, а со идентичен исход помина и онаа што беше закажана за 2 мај.
Состојбата во Судскиот совет досега беше статус кво, а нова седница е закажана откако за во Врховниот суд е најавена средба на која ќе се расправа за подобрување на законското решение за да не се повторат скандали и пучеви како што се случи минатата среда, пишува ТВ Телма.
Нејасно останува и прашањето дали разрешувањето на Дамева било законито или не.
За разрешување претседател на Судскиот совет нема предвидено процедура во Законот за Судски совет и во Деловникот за работа. Начинот на кој Дамева беше отстранета од функцијата предизвика низа реакции кај стручната јавност, кои беа во насока дека за таа да биде разрешена од претседателка во ситуација кога нема предвидена процедура, треба да биде разрешена како член на Судскиот совет. Како што реагираше и Коалицијата „Сите за правично судење“, за Дамева да се разреши од член, пак, потребна е дисциплинска постапка која предвидува процедура што трае одреден период во кој и странката има право на одговор, а потоа кога ќе дојде моментот за гласање, неопходни се осум гласа „за“, не сметајќи го тој на предлагачот.
Адеми во интервју за „Порталб“ излезе со креативно толкување за разрешувањето на Дамева и за тоа што во Законот не се предвидени постапки за такво нешто велејќи дека „сè што не е забрането со Устав и закон, е дозволено“.
Реакции во врска со случувањата во Судскиот совет:
- Пратениците веднаш да иницираат интерпелација за претседателката и заменик-претседателот на Судскиот совет, сугерира Денис Прешова
- Пендаровски: Сцените во Судскиот совет не му доликуваат на тело со толку одговорна улога
- Ковачевски ги повика членовите на Судскиот совет да пријават ако некој им се мешал во работата
- Мицкоски за случувањата во Судскиот совет: Вандализам и вагабонство на отворена сцена
- Грковска очекува надлежните да покренат постапки за случувањата во Судскиот совет
- Министерството за правда бара увид во Записникот од вчерашната седница на која беше разрешена Дамева
- ДКСК изрази сериозна загриженост за случувањата во Судскиот совет – очекува реакција од релевантните државни субјекти
- Претседателката на Врховен: Да се реши состојбата во Судскиот совет
- По случувањата во Судскиот совет, Амбасадата на САД очекува независно и одговорно судство без разлика кој е во раководството
- Гир: Последните случувања во правосудството не се во насока на она што ЕУ го очекува од С Македонија