Состанокот на Централното претседателство на Алтернатива доаѓа неколку дена по информациите во јавноста дека минатата недела имало средба меѓу претседателот на партијата Африм Гаши и лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, на која се разговарало за евентуална соработка. Прашан до каде може да оди соработката со Беса и дали може да се очекува некаква коалициска соработка меѓу двете партии на претстојните парламентарни избори, портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани, по состанокот на ЦП рече дека не ограничиле како ќе тече оваа соработка
Централното претседателство на Алтернативана денешниот состанок го овласти претседателот на партијата Африм Гаши да почне со разговори за идни потенцијални соработки во рамките на опозицискиот блок, било тие да се во рамките на Собранието или за идни коалиции.

„Денеска имаше состанок на Централното претседателство на Алтернатива. Освен дискусиите за актуелната политичка состојба во нашата држава, како што се уставните измени, уставниот амандман предложен од Алтернатива за борба против корупцијата, како и евроинтеграцискиот пат, во фокусот на овој состанок беше и темата за евентуалната соработка на опозицијата. Во оваа прилика, Централното претседателство го овласти претседателот Африм Гаши да разговара за било каква евентуална соработка, било тоа да е во рамки на парламентот или за друга коалициска соработка. За едно нешто сме сигурни. Граѓаните бараат и очекуваат промена и ние сме обврзани да одговориме пред нивните барања. Пред нас се неколку предизвици, а Алтернатива уште вечерва покажува целосна подготвеност за соработка во интерес на граѓаните“,
се наведува во соопштението од партијата.
За денешниот состанок на Централното претседателство на Алтернатива во изјава за медиумите информира и партискиот портпарол Орхан Муртезани, кој рече дека ваквата одлука е резултат на слушање на гласот на албанскиот електорат кој 20 години инсистира на промени.
Состанокот на Централното претседателство на Алтернатива доаѓа неколку дена по информациите во јавноста дека минатата недела имало средба меѓу претседателот на партијата Африм Гаши и лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, на која се разговарало за евентуална соработка.
Во тој контекст, прашан до каде може да оди соработката со Беса и дали може да се очекува некаква коалициска соработка меѓу двете партии на престојните парламентарни избори, Муртезани рече дека не ограничиле како ќе тече оваа соработка.
„Не ограничивме како ќе тече оваа соработка. Затоа Централното претседателство го овласти претседателот без никакви ограничувања, било за соработка во рамки на Собранието или за можни предизборни коалиции во иднина. Подготвени сме и отворени за секаков вид на соработка“,
ја пренесува МИА изјавата на Муртезани.
Прашан дали со денешната одлука покажуваат дека ги надминале претходните несогласувања со Беса, портпаролот на Алтернатива изјави дека не ги заборавиле политичките разлики што ги имале во минатото, како и сегашните.
„Ние не ги заборавивме политичките разлики кога имавме соработка со други партии за време на изборните циклуси, ниту во овој случај не ги забораваме политичките разлики што ги имаме. Но, гласот на граѓаните е многу јасен и тоа се бара во овој случај, да се надминеме себеси и да можеме да создадеме простор, да овозможиме реализација на политички промени во албанската опозиција“,
рече Муртезани, пренесува МИА.
Двете партии во моментов функционираат како опозиција. Алтернатива во февруари годинава одлучи да излезе од владината коалиција откако Алијансата за Албанците донесе одлука да ѝ се приклучи на Владата. Беса, исто така, во минатото беше дел од владината коалиција на СДСМ и ДУИ, но по локалните избори во октомври 2021 година реши да премине во опозиција, а во Владата, пак, тогаш влезе Алтернатива.
За потсетување, Алтернатива е партија што произлезе од Движењето Беса по поделбите што се случија поради лошите резултати на локалните избори во 2017 година.