„Парламентот има надлежности врз дел од Судскиот Совет затоа што парламентот бира дел од членовите на Судскиот Совет. И за секој функционер којшто е избран од Собранието и има некаква надлежност, Собранието има право и обврска да побара отчет од нив“, вели пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара во Собранието да се отвори расправа за случувањата во Судскиот совет кои и натаму ја брануваат јавноста по контроверзното разрешување на претседателката на Советот Весна Дамева и правните нејаснотии кои произлегоа потоа.

Пратеникот на опозициската партија во Собранието и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антониjо Милошоски, во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, рече дека Законодавниот дом има надлежности врз дел од членовите на Судскиот совет бидејќи дел од нив, односно петмина се избираат на предлог на парламентот.
„Прво парламентот има надлежности врз дел од Судскиот Совет затоа што парламентот бира дел од членовите на Судскиот совет. И за секој функционер којшто е избран од Собранието и има некаква надлежност, Собранието има право и обврска да побара отчет од нив“,
рече Милошоски.
Според пратеникот, актуелната ситуација со Судскиот совет е најниското ниво на развој на правосудните малверзации, за кои ја обвини Владата.
„Сакаме во Собранието да се разговара за Републичкиот судски совет бидејќи ова е најниското ниво на развојот на правосудните, би рекол, малверзации коишто актуелната Влада ги прави“,
вели пратеникот.
Тој смета дека оваа иституција е деградирана од власта по сите основи. Според пратеникот, во моментов Судскиот совет нема никаков авторитет ниту да наградува ниту да санкционира судии или судови.
„Затоа сметаме дека треба целосно ресетирање на Републичкиот судски совет“,
рече Милошоски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што посочи пратеникот, бара претседателот на Собранието, Талат Џафери, оваа информација да ја стави на првата наредна седница на Законодавниот дом.
„Да разговараме на оваа тема. Имаме и предлог-заклучоци коишто ќе ги покажеме тогаш и сметаме дека можеме да придонесеме да се санираат штетите кои се веќе направени“,
рече пратеникот.
Милошоски рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери сакаат посериозна расправа внатре во Собранието за да се разгледаат сите аспекти. Тој рече дека треба да им се даде можност и на членовите на Судскиот совет што ги бира Собранието да дојдат во парламентот и да го кажат своето мислење.
Интерпелација за петте членови избрани од Собранието, рече Милошоски, исто така е опција.
„Интерпелацијата за петте членови избрани од Собранието во Републичкиот судски совет исто така е опција бидејќи се смета дека таму веќе одговорноста не е само поединечна, не треба некој да се крие зад меѓучовечките односи, не е ова прашање на поголема или помала симпатија кон колега или колешка, туку ова е деградирање на една клучна институција за правосудството. Интерпелацијата на членовите коишто ги бира Собранието е една од опциите којашто ќе се разгледа по расправата“,
рече пратеникот.
Еден од членовите на Судскиот совет кој е избран од и на предлог од Собранието е актулениот заменик-претседател на Советот, Селим Адеми, кој го иницираше разрешувањето на Дамева.
Таа беше разрешена на 26 април, откако Адеми го презеде водењето на седницата и покрај присуството на Дамева и предлогот за нејзино разрешување го стави на гласање.
Со Адеми, „за“ разрешување гласаа уште шестмина други членови на Судскиот совет: Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска.
По ова тој закажа две седници за избор на нов претседател на Судскиот совет, од кои првата беше уште следниот ден, на 27 април, која се одложи, а со идентичен исход помина и онаа што беше закажана вчера.
За разрешување претседател на Судскиот совет нема предвидено процедура во Законот за Судски совет и во Деловникот за работа. Начинот на кој Дамева беше отстранета од функцијата предизвика низа реакции кај стручната јавноста, кои беа во насока дека за таа да биде разрешена од претседателка во ситуација кога нема предвидена процедура треба да биде разрешена како член на Судскиот совет. Како што реагираше и Коалицијата „Сите за правично судење“, за Дамева да се разреши од член, пак, потребна е дисциплинска постапка која предвидува процедура што трае одреден период во кој и странката има право на одговор, а потоа кога ќе дојде моментот за гласање неопходни се осум гласа „за“ не сметајќи го тој на предлагачот.
Адеми во интервју за „Порталб“ излезе со креативно толкување за разрешувањето на Дамева и за тоа што во Законот не се предвидени постапки за такво нешто велејќи дека „сè што не е забрането со Устав и закон, е дозволено“.
Реакции во врска со случувањата во Судскиот совет:
- Пратениците веднаш да иницираат интерпелација за претседателката и заменик-претседателот на Судскиот совет, сугерира Денис Прешова
- Пендаровски: Сцените во Судскиот совет не му доликуваат на тело со толку одговорна улога
- Ковачевски ги повика членовите на Судскиот совет да пријават ако некој им се мешал во работата
- Мицкоски за случувањата во Судскиот совет: Вандализам и вагабонство на отворена сцена
- Грковска очекува надлежните да покренат постапки за случувањата во Судскиот совет
- Министерството за правда бара увид во Записникот од вчерашната седница на која беше разрешена Дамева
- ДКСК изрази сериозна загриженост за случувањата во Судскиот совет – очекува реакција од релевантните државни субјекти
- Претседателката на Врховен: Да се реши состојбата во Судскиот совет
- По случувањата во Судскиот совет, Амбасадата на САД очекува независно и одговорно судство без разлика кој е во раководството
- Гир: Последните случувања во правосудството не се во насока на она што ЕУ го очекува од С Македонија