Во соопштението на МВР се додава дека еден од приведените, Р.З. (49), ја набавил дрогата при крајот на минатиот месец од албански државјанин, по што ја сместил во својот автомеханичарски сервис, каде што ја препакувал и ја сместил во картонски кутии со цел понатаму да се транспортира во Република Турција
Во голема полициска акција, скопската полиција вчера запленила 150 килограми марихуана со вкупна вредност од околу 400 илјади евра и приведе четири лица, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).

Акцијата почнала вчера околу 17 часот на улица „Скупи“ во скопската населба Злокуќани, кога биле запрени три патнички возила – „форд галакси“, „пежо експерт“, „бе-ем-ве“ – сите со скопски регистарски таблички. Полицијата дала знак за запирање на возилата, но Б.З. (44) кој го управувал „фордот“ се дал во бегство, но по кратко време возилото било запрено од страна на полициските службеници, а возачот бил лишен од слобода.
„При извршен преглед во возилото ‘пежо експерт’, управувано од Р.З.(49), каде што сопатник била неговата сопруга Џ.З. (45), биле пронајдени 13 големи картонски кутии во кои имало 102 пакувања со марихуана, а од слобода бил лишен и возачот на ‘бе-ем-ве’ И.З.(19) кој имал задача да предупредува за присуство на полиција“,
се вели во соопштението на МВР.
По наредба на Основниот кривичен суд, полицијата извршила претрес во домовите на приведените и на уште неколку локации меѓу кои и во автомеханичарски сервис во Општина Ѓорче Петров. Таму биле пронајдени уште четири картонски кутии со 32 пакувања со марихуана, голема дигитална вага, машина за пакување, повеќе кеси, осум црни големи патнички торби и кеси со марихуана, два романски пасоши и четири куршуми калибар 9 мм.

Во соопштението на МВР се додава дека Р.З. ја набавил дрогата при крајот на април од албански државјанин, по што ја сместил во неговиот автомеханичарски сервис, каде ја препакувал и сместил во картонски кутии со цел понатаму да се транспортира во Република Турција.

„Притоа, преку Секторот за меѓународна полициска соработка преку Интерпол од Р Турција добиена е информација дека на 12.06.2013 година Р.З. заедно со неговата сопруга и синот биле фатени и лишени од слобода при транспорт на 14.560 грама хероин, кој бил сокриен во специјално изработен бункер во патничко возило „фолксваген фетон“, негова сопственост, за што и издржувале затворска казна во Р.Турција“,
се додава во соопштението на МВР.
Против четворицата приведени лица, Секторот за внатрешни работи Скопје ќе поднесе кривични пријави до скопското обвинителство.