Пендаровски претходно меѓу првите реагираше дека е невкусно во економска криза да се покачуваат платите што се исплаќаат од државниот буџет и повика да се најде законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите
Претседателот на државата Стево Пендаровски потврди дека ја примил покачената плата која функционерите ја добија по одлуката на Уставниот суд за укинување одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица.
Со тоа, функционерите добија покачувања од 78 отсто, а во случајот на шефот на државата покачувањето е 72 000 денари.
„По ново 165 000, по старо 93 000. Тоа го објавија сите медиуми“,
одговори денеска Пендаровски на прашањето дали вчера зел плата и колку.
Покачувањето дојде откако Уставен реши да ја укине одредбата со која се замрзнува основицата по која се пресметува платата на функционерите. Основицата, инаку, е предвидена да се определува според просечната плата во државата и за да се дојде до платата што ја земаат избраните и именувани лица, таа се множи со коефициент.
Пендаровски претходно меѓу првите реагираше дека е невкусно во економска криза да се покачуваат платите што се исплаќаат од државниот буџет и повика да се најде законско решение со ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите.
Повисоки плати, освен претседателот, деновиве на сметките добиваат и останатите функционери. Како што објавија повеќето медиуми, со покачувањето, на пример, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе зема плата од околу 166 000 денари, а премиерот Димитар Ковачевски од околу 156 000 денари.