Прашан дали ќе го потпише указот за Законот за работни односи, доколку тој биде изгласан од пратениците, претседателот рече дека нема да го потпише ако тој остане во варијантата која предвидува зголемување на работната недела од 40 на 60 часа
Го немам видено договорот со „Бехтел и Енка“ во изворна форма. Ова е одговорот на претседателот Стево Пендаровски на новинарско прашање дали го видел договорот со американско-турскиот конзорциум за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10-д и дали планира да побара увид во него.
Пендаровски рече дека прво сака да види парламентарна дебата во Собранието, поконкретно во една од собраниските комисии во кои договорот треба да им се презентира на пратениците со безбедносен сертификат, а потоа, како што рече, ќе се произнесе во врска со прашањата кои ќе произлезат од неа, но и во врска со осумте измени на закони предложени од пратеници од мнозинството кои се поврзани со изградбата на автопатите.
„Прво сакам да ја видам парламентарната расправа, она што ќе биде на комисијата и да видиме кои прашања ќе излезат од таа дебата, иако мојот став го знаете. Реков дека сакам да ги видам дефинитивните верзии од осумте закони кои се во парламентарната процедура и на крајот, како што бара и Уставот од мене, да се произнесам во врска со нив“,
рече шефот на државата одговарајќи на новинарски прашања пред обраќањето на конференцијата „Регионални безбедносни предизвици и неодамнешни случувања во земјите од Западен Балкан“.

Прашан дали ќе го потпише указот за Законот за работни односи, доколку тој биде изгласан од пратениците, Пендаровски рече дека нема да го потпише ако тој остане во варијантата која предвидува зголемување на работната недела од 40 на 60 часа.
„Ако остане во таа варијанта нема да го потпишам, зашто веќе постои одлука. Уставниот суд лани ја прогласи за неуставна таа одредба во еден друг закон. Не можеме да ги повторуваме грешките. И да го потпишам, а нема да го потпишам ако е таква одредбата, јасно е дека Уставниот суд, следејќи ја својата претходна одлука, повторно ќе ја прогласи за неуставна“,
изјави Пендаровски.
Деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои поседуваат безбедносни сертификати, пред две недели побараа од премиерот Димитар Ковачевски да им го достави класифицираниот договор со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.
На вчерашната координација која собранискиот спикер Талат Џафери ја имаше со претставниците на политичките партии во Собранието беше заклучено дека договорот ќе биде презентиран на комисиска седница која ќе биде затворена за јавноста, а на неа ќе може да присуствуваат само пратеници кои поседуваат безбедносен сертификат. Беше соопштено дена одлуката на која комисија ќе биде разгледан договорот треба да ја донесе опозицијата.
По ова, пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, изјави дека за да биде закажана комисиска седница, пратениците прво мора да го имаат материјалот за седницата, а материјалот во овој случај, како што рече, е договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите.
Тој додаде дека барањето на опозициските пратеници за увид во договорот со „Бехтел и Енка“ е согласно Законот за класифицирани информации, а оттука, рече Милошоски, наместо некој министер да ни го раскажува, бараме да ни биде овозможен увид во договорот оти имаме право на тоа.