Претседателот кажа дека реакциите на Европската Унија и Амбасадата на САД во врска со случувањата во Судскиот совет не се случајни, а таквите реакции и критики, како што додаде, се најжестоки за состојбата во правосудниот систем во земјава од деведесеттите години до денес. Тој порача и дека друг проблем е што во ваква ситуација како што се наоѓа Судскиот совет – без претседател, е што судиите нема да може да земат плата
Министерот за правда Кренар Лога, пак, рече дека ситуацијата е нејасна со оглед дека во „Службен весник“ нема објавено никаква одлука за разрешување, а ги нема добиени ниту записниците од седницата на Судскиот совет што ги побара. Затоа, нагласи, додека не виде на хартија, не би сакал да навлегува во проблематиката
Ако Судскиот совет не избере претседател, судиите нема да може да земат плата. Ова, изјави денеска претседателот на државата Стево Пендаровски, претставува посебен проблем во состојбата во која во моментов се наоѓа Судскиот совет, кој ниту вчера не успеа да избере нов претседател по минатонеделното контроверзно разрешување на Весна Дамева од претседателската позиција.

Оваа ситуација, рече Пендаровски, мора да се реши час поскоро, но не само поради платите на судиите туку поради темната дамка која состојбите во Судскиот совет ја фрлија врз целото демократското досие на државава.
„Она што претставува посебен проблем, не знам колку е тоа познато во јавноста, е што претседателот на Судскиот совет, кој и да е, по словото на законот е претседател и на Судско-финансискиот совет. Тоа значи дека ако немате претседател на Судскиот совет нема кој да потпише решенија за, народски кажано, судиите да земат плата. Таа ситуација мора час поскоро да се реши не само поради платите на судиите туку затоа што тоа фрла таква темна дамка врз целото европско досие, но пред сè врз демократското досие на Северна Македонија“,
рече Пендаровски во изјава за медиумите пред почетокот на денешната конференција на тема „Регионални безбедносни предизвици и неодамнешни случувања во земјите од Западен Балкан“.
Претседателот кажа дека реакциите на Европската Унија и Амбасадата на САД во врска со случувањата во Судскиот совет не се случајни, а таквите реакции и критики, како што додаде, се најжестоки за состојбата во правосудниот систем во земјава од 1990-та до денес.
„Јас не паметам дека години наназад во Македонија сме имале толку непријатни сцени поврзани со сферата која, инаку со право е жестоко критикувана и од која што најчесто за жал ни доаѓаат негативни вести. Значи, тоа беше една ситуација која не смее да се дозволи во држава која преговара со ЕУ и утре сака да биде членка во клубот на најголемите демократии во светот“,
рече претседателот.
- Агелер со писмо до Владата и судовите: Сè повеќе сум загрижена за големиот број предмети што Апелација ги враќа на повторно судење
- По случувањата во Судскиот совет, Амбасадата на САД очекува независно и одговорно судство без разлика кој е во раководството
- Гир: Последните случувања во правосудството не се во насока на она што ЕУ го очекува од С Македонија
По минатонеделното разрешување на Весна Дамева од претседателка на Судскиот совет, вчера повторно се одложи седницата за избор на нов претседател. Судскиот совет не информира од кои причини е одложена вчерашната седница ниту, пак, кога ќе биде закажана нова.
Разрешувањето на Дамева се уште не е формално со оглед дека одлука за тоа не е објавена во „Службен весник“.
Од тие причини, денеска ниту министерот за правда, Кренар Лога, не сакаше да коментира за состојбата во Судскиот совет. Во Минситерството, се уште не ги добиле ниту записниците од седницата на која Дамева беше разрешена со седум гласа „за“ по предлог на нејзиниот заменик Селим Адеми.
„Проверивме дека такви записници не се пуштени кај нас, немаме никаква инфорамции освен тоа што вие го имате објавено како медиуми. Другиот дел останува нејасен бидејќи не е објавена никаква одлука во ‘Службен весник’ така што не би сакал да навлегувам во оваа проблематика бидејќи го немам на хартија тоа што го имам побарано како министер за правда“,
рече денеска Лога.
Вчера, „360 степени“ се обрати до Судскиот совет со прашања дали воопшто е изготвена одлуката за разрешување на Дамева, дали и кога е планирано истата да се објави во „Службен весник“ и дали сметаа дека без објавување на одлука за разрешување на досегашната претседателка во „Службен весник“, може да се пристапи кон избор на нов претседател. Меѓутоа, втор ден, одговор оттаму нема.