Од Алтернатива велат дека првичните контакти даваат надеж оти првата соработка меѓу двете партии може да биде во рамки на Собранието
Централното претседателство на политичката партија Алтернатива утревечер ќе одржи состанок. На средбата се очекува да се разгледа соработката со движењето Беса.
„Централното претседателство на Алтернативата утревечер ќе се состане и ќе дискутира за следните чекори на соработка со движењето Беса. Првите контакти даваат надеж дека првата соработка ќе биде во рамките на Собранието, додека за деталите ќе ве информираме по завршувањето на средбата“,
велат од Алтернатива за МИА.
Двете партии во моментов функционираат како опозиција. Алтернатива во февруари годинава одлучи да излезе од владината коалиција откако Алијансата за Албанците донесе одлука да ѝ се приклучи на Владата. Беса, исто така, во минатото беше дел од владината коалиција на СДСМ и ДУИ, но по локалните избори во октомври 2021 година реши да премине во опозиција, а во Владата, пак, тогаш влезе Алтернатива.
Потврдата за утрешниот состанок на Централното претседателство и најавата за можна соработка доаѓа неколку дена откако во јавноста излезе информација дека лидерите на Алтернатива и Беса, Африм Гаши и Билал Касами, минатата недела имале средба на која се разговарало за евентуалната соработка.