По сторијата за куќата на Халкидики на име на тештата на претседателот на ДИК, Антикорупциска тргна по трагата на парите; „Многу е лесно е да најдете некој што ќе ви го ‘чува’ имотот, за коj нема задолжение да се пријави имотот и интересите“ – коментира Миша Поповиќ од Институтот за демократија
Обвинителството, пак, чека некој друг да му каже дали има основи да постапува за неверојатните профити на подизведувачите на „Дермалог“ во набавката на апаратите за отпечаток од прест; Активна е само ДКСК од каде што најавуваат скорешно заокружување на проверките
Минатата недела објавивме дека куќа во местото Елани, на првиот крак на Халкидики, од пред половина година се води на име на мајката на сопругата на актуелниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Даштевски. Според документите до кои дојдовме, 75-годишната пензионерка од Куманово го ополномоштила зетот Даштевски, а не, на пример, некое од своите деца, да ја води и заокружи купопродажбата на имотот од 111 квадратни метри. Официјално, куќата чини 110 илјади евра, иако слични недвижнини во Елани се нудат за најмалку двапати повисока цена.
Нотарските акти ги обезбедивме со помош на грчки адвокат во Солун, а потоа, по неколкучасовна проверка во Елани, го лоциравме и конкретниот објект. Станува збор за објект на три нивоа, во типична грчка архитектура. Напред има дворно место, а кога ја лоциравме на терен, во куќата немаше никој.

Семејната фотографија направена минатото лето во таверната во Елани исчезна од фејсбук-профилот на претседателот на ДИК пред да ја емитуваме нашата претходна сторија.
Непосредно пред емисијата, Даштевски испрати и писмени одговори на прашањата што му ги поставивме – меѓу другото, тврдејќи дека бил ополномоштен само за подигање документација, што е спротивно на нотарските акти кои покажуваат дека бил активно вклучен во купопродажбата. Дополнително, Даштевски кажа и дека е должен да пријави промена на имотна состојба само за лицата со кои живее во семејна заедница, а не и за тештата. ВМРО-ДПМНЕ, на чиј предлог Даштевски е избран за претседател на ДИК, и СДСМ ја премолчеа веста, но не и Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Точно е и тоа што го кажал претседателот на Државната изборна комисија, дека законот бара да се декларира имотот на потесното семејство, а неговата тешта, односно бабата, не спаѓа во негово потесно семејство. Бидејќи не живеат заедно, тој си постапил сосема законски, меѓутоа, нашиот Закон за спречување корупција и судир на интереси ни дозволува, доколку има ризици од несразмерно зголемување на имотот на лице кое е блиско лице на службеното лице, да можеме да ја прошириме нашата постапка и да провериме кои се изворите, како тоа лице се стекнало со тој имот, така што и ние по закон ќе си постапиме за да провериме, нели, како е дојдено до тој имот и ќе видиме каде ќе нè одведат трагите“,
вели Билјана Ивановска од ДКСК.

Под поимот блиски лица, во Законот за спречување на корупцијата се подразбира и роднини по сватовство до втор степен – како во случајот на Даштевски и тештата.
Миша Поповиќ од Институтот за демократија смета дека институциите треба да имаат информации за поширока листа на луѓе поврзани со службеното лице, која не мора да биде целосно јавна, но е важна при детекција на коруптивна мрежа.
„Пример, кумството кај нас е многу чест начин на поврзување меѓу двајца коишто се склучуваат во некакво криминално дејство, за кумовите не се пријавува имотот и интересите, меѓутоа, не е само до кумовите, генерално, многу е лесно вие да најдете некој што ќе ви го ‘чува’ имотот, што нема да биде во кругот на луѓе за коишто нема задолжение да се пријави имотот и интересите“,
рече тој.
Поповиќ вели дека постои напор од Регионалната антикорупциска иницијатива да профункционира меѓународен протокол на размена на информации, кој Северна Македонија го потпишала, но сè уште не е ратификуван. Тоа би значело дека ако податоците се дигитализирани во сите земји од регионот, антикорупционерите би можеле полесно да ги проверат сите индикации.
„Да дадам едноставен пример, ако регистарот, на пример, на имот во Грција е дигитален и ако тештата на Александар Даштевски е во листата на блиски лица на носителот на функција, со претраги и меѓународна соработка може да се добиваат навремено овие информации, без да се базираме на успехот на свиркачи или на истражувачкото новинарство. Меѓутоа, токму во ова се всушност главните проблеми со кои генерално се соочуваат системите за проверка на имотната состојба и изјавите на интереси и кај нас во земјата, меѓутоа и генерално во регионот.“

Но, и Грција не е докрај дигитализирана. Тамошниот катастарски систем нема единствена база, туку повеќе регионални канцеларии од кои дел воопшто не се дигитализирани. Затоа побаравме помош од адвокат од Солун, кој направи увид и презеде фотокопии од јавно достапните документи за купопродажбата, што е во согласност со грчките закони, наспроти тврдењата на Даштевски дека со сторијата правиме три кривични дела – повреда на тајност на писма или други пратки, неовластено објавување на лични записи и злоупотреба на лични податоци.
Ивановска од ДКСК потсетува на иницијативата за носење Закон за потекло на имот.
„Ние тој ризик го оценивме уште многу рано кога почнавме со проверките на имотната состојба, дека, навистина, има службени лица за коишто имаме дојави дека имале, не знам, вила во Маврово, имале, не знам што, а во Катастарот не стои дека е тој имот на нивно име. Ние од тие причини рековме дека неопходен е Законот за потекло на имот“,
вели таа.
Од Владата за „360 степени“ велат дека постапката за носење на законот е во фаза на допрецизирање на решенијата и дека во наредниот период усогласената нацрт-верзија ќе биде предмет на јавна расправа, а ќе се бара мислење и од Венецијанската комисија.

„Малку поваму, да не накиснете“, го советуваа новинарите претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, кој се подготвуваше за прес-конференција на дождлив есенски ден во октомври 2021 година.
„Не, таман сум тука за овие да се снимаат“, возврати тој одлучно и покажа на неколку кутии во кои беа преостанатите уреди за биометриска идентификација на гласачи.
Оваа триумфална изјава на претседателот на ДИК е дадена неполна недела пред локалните избори во 2021 година, кога пристигнаа последните апарати за отпечаток од прст. Набавката која чинеше 11,2 милиони евра и на која стои потписот на Даштевски е под лупа на Антикорупциска, која ги проверува трансферите кон и од подизведувачите, како и техничкиот прием на купената опрема.
Секоја од фирмите подизведувачи на „Дермалог“, требало да добие по околу 1,5 милиони евра, а нашите проверки покажаа дека изборната 2021 за нив била навистина бериќетна, со рекордни приходи и профити.
Првата фирма, „Алфазет“, годината кога станува подизведувач на „Дермалог“, има приходи од 1,3 милион евра, а трошоците и изнесувале само 340 000 евра. Тоа значи дека профитот на фирмата е околу 74% од приходи за таа година или неверојатни 960 000 евра.

Втората фирма подизведувач, „Симболико“, во изборната 2021 ги зголемила приходите десеткратно споредено со претходната и ја завршила со профит од 380 000 евра. Годините пред и потоа се неспоредливо послаби.

Од ДКСК велат дека активно работат на овој предмет.
„При крај е, имаше пообемно истражување, се побараа документи од повеќе институции, па дури се проверуваше, нели, и од надвор документацијата што недостасува итн. Јас, колку што имам информации, е во завршна фаза. Тоа значи дека ќе треба на некој нареден колегиум да се реферира првин пред колегиум и кога ќе има наредна седница да се соопштат резултатите во јавноста. На некоја наредна седница, овој многу битен предмет ќе биде изрефериран“,
вели Ивановска од ДКСК.
Паралелно, исплатите на ДИК за изборните дејствија во 2021, вклучително и за набавката на апаратите за отпечаток од прст, биле под лупа и на Државниот завод за ревизија. И од ДЗР констатирале дека двајца од членовите на Комисијата за јавни набавки во ДИК не се согласиле со изборот на „Дермалог“, како и дека петмина се оградиле од Записникот за тестот за прифаќање на системот. Меѓу нив, како што објавивме, се и тројца ИТ-експерти, како и тогашните членови на ДИК – Дитмире Шеху и Кренар Лога, кои издвоено тврделе дека состанокот воопшто не бил тест за прифаќање на системот, туку пауерпоинт-презетација, како и дека не е извршен квалитативен технички прием. Констатираните состојби, според ДЗР, создаваат ризик дека тоа што е предвидено со тендерската документација не е испорачано од „Дермалог“.
И додека Ревизија е готова, а Антикорупциска ги привршува проверките за набавката, прашавме во Обвинителството дали ќе постапи по допрен глас, откако објавивме за спорните елементи од договорот со „Дермалог“ и за куќата на тештата на Даштевски. Оттаму ни одговорија дека немаат отворено предмет по допрен глас, како и дека се надлежни да гонат, а не да откриваат кривични дела. Повикаа секој што поседува докази за сторено кривично дело тоа да го пријави кај надлежните органи.

Дали доколку никој формално не пријави Обвинителството ќе го преспие јавно пријавениот сомнеж?
ПОВРЗАНИ СТОРИИ: