Мобилните болници се дел од армиските стратегии во услови на војна. Целта е експресно да се создадат услови дури и за хируршки интервенции на терен додека не се овозможи евакуација на повредените војници до повисока медицинска нега. Воено-мобилна болница според НАТО-стандарди на нашата армија и донираше Норвешка уште пред земјава да стане членка на Алијансата.

Нашите војници досега петпати ја склопиле и расклопиле болницата, за среќа, само како вежба.

Деновиве ја поставија по шести пат, близу Инфективната клиника во Скопје, и обезбедија дополнителни капацитети за третман на пациенти со коронавирус.
„Во случајов ќе си биде за лежечки пациенти и нејзината намена ќе биде иста како и намената на Инфективната клиника. Болницата е наменета за функционирање во екстремно студени и екстремно топли услови“,
полковник Ирена Минева, командант на Воено-медицински центар – Скопје

Се работи за синџир од 19 шатори со целосен систем на греење и ладење, вентилација, струја и изолација од надворешни влијанија. Освен што ја подигна, Армијата останува и да асистира во периодот кога се очекува да се случи пикот на заразата.
„Ние немаме обврски околу работењето внатре во болница, меѓутоа имаме обврски околу одржувањето на техничката опрема и обезбедувањето на болницата. Доколку има некаков проблем со техниката за луѓето од Министерството за здравство, ние сме тука на располагање, секојдневно ќе доаѓаме, ќе вршиме обиколки и во координација со надлежните од Министерството за здравство ќе ги надминуваме проблемите“,
додава полковник Минева.
Еден шатор претставува една болничка соба. Проценките се дека зависно од поставеноста на леглата, овде би можело да се примат до 130 пациенти. Колку пациенти ќе се хоспитализираат во една соба, каква опрема ќе се донесе и како луѓето ќе се третираат, ќе зависи од проценките на здравствените власти. Локацијата е избрана стратешки оти на само неколку метри од шаторите е Клиниката за инфективни болести.

Близината е предност, иако уште попрактично би било ако се обезбеди т.н. сув ходник преку кој бетонската градба би се поврзала со шаторите, па Инфективна би добила целосно поврзан, двојно поголем простор.
„Од класичен болнички кревет до мобилен рендген, терапија со кислород и целокупна останата терапија и нивно следење, ќе се изведува во мобилната клиника, исто како и во Клиниката за инфективни болести. Но, и со спојување и без спојување доволна е близината за да може да се комуницира интензивно“,
вели Милена Стевановиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести.

Три четвртини од Инфективна клиника веќе е пополнета со пациенти со коронавирус. Стевановиќ верува во условите што ги нуди Армијата, но дали овој просторот ќе биде од корист, остава да оцени откако евентуално би влегла со бел мантил во него.
„Најтешките болни, секако, ќе бидат на Клиниката за инфективни болести, а болните што имаат полесна клиничка слика ќе бидат овде, не поради нешто друго, туку поради мобилноста наша и нашата адаптација и навика на функционирање во болницата во која работиме. Сепак, за сите нас е тоа првпат функционирање во една ваква болница и се ова што ме прашувате, мораме да го искусиме прво за да можам да го кажам“,
кажа Стевановиќ.
Пикот на заболени од ковид-19 се прогнозира за крајот на април, но секојдневно се повеќе градови се впишуваат на мапата со заразени. Од каде тогаш ќе се обезбеди медицински персонал за мобилната болница?
Министерот за здравство Венко Филипче, потсетува на наредбата до сите здравствени установи да направат тимови за ротација.
„Значи, да нема физички контакт меѓу тимовите, дел од луѓето да се дома, да ги избегнуваат социјалните контакти, посебно контактите со пациенти поради ризикот од тоа да бидат инфицирани и во насока на тоа е направена една листа на доктори, медицински сестри, кои имаат искуство во третманот на пациенти, пред се, во областа на интензивната медицина, близу 200 анестезиолози, близу 400 сестри кои имаат искуство во третман на пациенти во одделенијата за интензивна нега, да ротираат и ги поддржат и го зголемат бројот по потреба на кадарот на Клиниката за инфективни болести. Во рамките на тој план практично драстично се намалени интервенциите, освен итните случаи“,
вели министерот Филипче.

Идејата за мобилна болница е на Министерството за здравство, но за подигнувањето постоел консензус и директна од помош од АРМ и од Град Скопје. Целта е однапред да се обезбедат услови доколку дојде до брз раст на новозаразени, иако министерот сака да верува дека тоа нема да се случи.
„Сметам дека засега добро ги менаџираме пациентите кои се за прием во болничките установи. Искрено се надевам дека овој тренд ќе продолжи се до пикот, а понатаму да следи намалувањето на бројот на новодијагностицирани пациенти“,
вели Филипче.

Војна нема, но најтешката глобална криза по Втората светска војна е причината слични мобилни болници да се подигнат во Италија, Франција, Шпанија и во њујоршкиот Централ парк. Болниците никнуваат зависно од капацитетот и потребите на секоја држава.
Кај нас таа е на чекор до активирање.
