„Вакво нешто е целосно во согласност со Уставот, Деловникот на Собранието и Законот за Судскиот совет имајќи предвид дека не само што овие членови се избрани туку и според законот тие својата оставка ја поднесуваат до Собранието. Интерпелацијата би требало да биде иницирана во најбрз можен рок, особено поради тоа што е очигледно дека овие членови на Судскиот совет во континуитет не сакаат отворено и јавно да кажат за какви влијанија и притисоци станува збор, а најмалку тоа ѝ го должат на јавноста, но и на фелата“, вели доцентот по уставно право на УКИМ
Имајќи предвид дека главни протагонисти во последните случувања во Судскиот совет се членовите од редот на „истакнатите“ избрани од Собранието, пратениците би требало веднаш да иницираат постапка за интерпелација, особено и во најмала рака, против сегашната и поранешната претседателка на Судскиот совет и сегашниот заменик-претседател, сугерира Денис Прешова, доцент по уставно право на Правниот факултет при УКИМ во објава на Фејсбук. Според Прешова, притоа треба да се испитаат сите наводи за разни влијание врз Советот на кои во повеќе наврати упатуваат токму овие членови и да се оцени нивната досегашна работа.

„Вакво нешто е целосно во согласност со Уставот, Деловникот на Собранието и Законот за Судскиот совет имајќи предвид дека не само што овие членови се избрани туку и според законот, тие својата оставка ја поднесуваат до Собранието. Интерпелацијата би требало да биде иницирана во најбрз можен рок особено поради тоа што е очигледно дека овие членови на Судскиот совет во континуитет не сакаат отворено и јавно да кажат за какви влијанија и притисоци станува збор, а најмалку тоа и го должат на јавноста, но и на фелата“,
препорачува Прешова.
Судскиот совет во средата на контроверзен начин ја разреши Весна Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет. Таква точка немаше на дневен ред, а и „за“ разрешување гласаа седуммина членови на Советот, иако за избор на претседател се неопходни најмалку осум гласа во телото со 15 члена. Повеќе експерти и невладини организации реагираа, меѓу другото, велејќи дека ниту во Законот за Судскиот совет ниту во Деловникот воопшто не е предвидена процедура за разрешување претседател.
Според Прешова, треба да се биде внимателен со тврдењата дека такво нешто не може да биде направено согласно законот.
„Имено, такво нешто не е предвидено ниту за претседателот на Собранието или претседателот на Уставниот суд, и другите тела, како на пример, Комисијата за заштита од дискриминација и слично. Не верувам дека би можеле да имаме категоричен, но и формалистички став дека такво нешто не е возможно и во овие ситуации бидејќи нема никакви одредби во соодветните правни акти за разрешување и престанок само на функцијата претседател. Како потсетување, претходната претседателка на Судскиот совет, Црвенковска, поднесе оставка од функцијата претседател иако такво нешто не предвидено со Законот за Судскиот совет. Дали тоа значи дека таа според законот не можела да поднесе оставка? Следствено, тврдењата и заклучоците би требало да бидат малку поизнијансирани, иако е неспорно дека постојат многубројни прекршувања на Законот и Деловникот на Судскиот совет“,
пишува Прешова.
Инаку, Прешова во фејсбук-објавата коментира дека состојбите во Судскиот совет „само кулминираа на отворена сцена бидејќи прекршувања и ‘заобиколувања’ на постапките и правните правила во разни дисциплински постапки против судии, избор и унапредување на судии и секако утврдување на кандидати за уставни судии, воопшто не беа реткост во изминативе години“.
Слушнавме како Дамева неколкупати замеруваше зошто овие прашања не биле прво истакнати и расправани на колегиум или работен состанок, така што останува само да претпоставуваме какви дискусии се воделе зад затворени врати претходно, каде што дури ни претседателката на Врховниот суд не била канета, вели тој. Поради ова, според Прешова, треба да се биде внимателен кога се проектираат некакви жртви или маченици во рамките на фарсата која се одвива во и околу Судскиот совет.
„Најголемата жртва во континуитет сме ние, граѓаните, и совесните судии бидејќи сите политички опции практикуваат слични или идентични методи за заробување на судството додека судиите со нивниот субмисивен менталитет гледаат како да се заштитат или како да профитираат додека политичките или бизнис моќници бијат битки за влијание врз судството. Тој сеприсутен клиентелизам, за кој говори и Ленче Ристоска во редовите на обвинителството, е нешто на кое се укажува подолг временски период и во научните трудови, но се чини дека е побитно што ќе кажат од меѓународната заедница, па судиите и членовите на советите се позагрижени за нивните ставови, а не за мислењата и довербата на граѓаните“,
пишува Прешова во објава на Фејсбук.