Евроамбасадорот ги посочи случувањата кои не ги исполнуваат очекувањата на ЕУ во временска рамка која не се однесува само на последните неколку дена туку на последните неколку недели и месеци. Во својата дипломатска, но и релативно отворена оцена за состојбите во македонското правосудство, Гир за време на денешната посета на Општина Ново Село потсети дека владеењето на правото е фундаментално прашање за евроинтеграциите на С Македонија, кое вклучува независно и професионално судство и јавно обвинителство „со највисоки стандарди за интегритет“
Последните случувања во македонското правосудство не одат во насока на исполнување на стандардите што ги очекува Европската Унија од земјава на нејзиниот пат кон ЕУ, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир.

Евроамбасадорот ги посочи случувањата кои не ги исполнуваат очекувањата на ЕУ во временска рамка која не се однесува само на последните неколку дена туку на последните неколку недели и месеци.
Во својата дипломатска, но и релативно отворена оценка за состојбите во македонското правосудство, Гир за време на денешната посета на Општина Ново Село потсети дека владеењето на правото е фундаментално прашање за евроинтеграциите на С Македонија, кое вклучува независно и професионално судство и јавно обвинителство „со највисоки стандарди за интегритет“.
„Како што веќе е познато почитувањето на владеењето на правото е фундаментално и суштествено прашање на евроинтегративниот пат на оваа земја. Исто така тоа вклучува развој на независно, професионално судство и јавно обвинителство кое што ги вклучува највисоките стандарди за интегритет. Во последните неколку недели и месеци видовме случувања кои не одат во правец кој ние во Европската Унија би очекувале да одат кон исполнување на стандардите кои се потребни за евроинтегративниот пат на вашата земја“,
изјави шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава.
Очекувањата на ЕУ, кажа Гир, се процесот на реформи да продолжи на одлучен начин и дека не постои скратен пат кој води до нивно спроведување. Тоа, како што истакна евроамбасадорот, е единствениот пат по кој земјава може да стане членка на Европската Унија.
„Се разбира дека не постои такво нешто како скратен пат кој ќе доведе до спроведување на реформите кои што се поврзани со владеењето на правото. Се разбира дека ние очекуваме дека процесот на реформи да продолжи на одлучен начин понатаму затоа што тоа е единствениот пат на кој оваа земја може да стане членка на Европската Унија и, пред сè, тоа е во интерес на самите граѓани на оваа земја. Исто така, можам да ги уверам граѓаните на земјата дека ние одблиску ќе ги следиме сите случувања поврзани со владеењето на правото и се разбира дека ќе продолжиме да ги следиме сите тие случувања од првиот ден на пристапниот процес, па се до последниот ден кога вашата земја ќе стане земја-членка на Европската Унија“,
изјави евроамбасадорот Гир.
Иако не прецизира на кои случувања мисли, сепак, според временската рамка на која реферираше, шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, освен на последните случувања во Судскиот совет, алудира и на контроверзните одлуки на Апелацискиот суд Скопје со кои беа укинати првостепените пресуди за повеќе високопрофилни случаи на корупција и вратени на повторно судење.
Во вторникот неделава, пак, јавноста дозна дека американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер на 11 април испратила писмо до институциите на извршната и судската власт во кое ја искажува својата и загриженоста на САД за состојбите во македонското правосудство.
„Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од висок профил) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“,
се наведува во дел писмото од амбасадорката Агелер.
Следниот ден во Судскиот совет избувна жестока караница и расправија помеѓу членови на Судскиот совет, кој кулминира со контроверзно разрешување на претседателката на ова тело Весна Дамева, иницирано од заменик-претседателот на Советот, Селим Адеми.
Случувањата во Судскиот совет предизвикаа и сè уште се повод за бурни реакции од страна на стручната фела околу законитоста на самата процедура во која е разрешена Дамева, но и за ескалацијата на состојбите во правосудството.
Покрај случувањата во Судскиот совет, вечера вниманието во јавноста го привлече и заклучокот на Советот на јавни обвинители да се обрати до Етичкиот совет на јавните обвинители во врска со ставовите на обвинителката Ленче Ристовска. Таа пред три дена рече оти смета дека Советот на јавни обвинители треба да се реформира бидејќи е извор на тргување со влијание.
Според обвинителката, ова тело од формирањето во 2008 година досега потфрли во исполнувањето на примарната функција, професионализација на Јавното обвинителство и изолирање политички и други влијанија при избори и разрешување на обвинителите.
Етичкиот совет на јавни обвинители сега на барање на Советот на јавни обвинители, како што изјави вчера првиот човек на ова тело, Антонио Јолевски, ќе треба да ја разгледа изјавата на Ристоска и да даде мислење дали обвинителката со неа го прекршила етичкиот кодекс на јавните обвинители.