Според Апелација, Кривичниот суд правилно постапил кога одлучил да го прифати барањето на обвинителството за замрзнување на сметките бидејќи смета дека се исполнети условите за определување вакви мерки
Замрзнатите пари на сметките на докторот Жан Митрев и на истоимената приватна клиника остануваат блокирани, одлучи Апелацискиот суд Скопје.
Од второстепениот суд денеска објавија дека по одржана седница донеле одлука да ја одбијат жалбата на Митрев како неоснована и да го потврдат решението од Основниот кривичен суд Скопје.
„Советот на овој суд најде дека првостепениот суд правилно постапил кога го прифатил предлогот на Обвинителството и спрема обвинетите определил привремени мерки – забрана за оптоварување и располагање со недвижноста наведена во изреката на решението, како и забраната за исплата на износите наведени во изреката на обжаленото решение од сметките на правното лице за износите за кои е определена мерката, наоѓајќи дека се исполнети сите законски услови“,
велат од Апелација.
Жан Митрев и клиниката како правно лице, се обвинети за делото измама во судскиот процес по однос на обвинението кое го покрена Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје откако лани беше објавен документарниот филм „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во врска со лекувањето ковид-пациенти со помош на методот хемофилтрација.
За блокираните сметки, од клиниката претходно, кога Кривичен донесе одлука, реагираа со соопштение до јавноста во кое се пожалија дека не можат да функционираат.
„Укажуваме дека со донесените мерки целосно се блокира работењето на болницата ’Жан Митрев‘, која е здравствена организација од јавен интерес. Клиниката ’Жан Митрев‘ од денеска не е во можност да ги отплаќа обврските кон банките. Сакаме да ја информираме јавноста дека ќе направиме сè што е во нашите можности и лекувањето на ниту еден пациент нема да биде доведено во прашање иако, постапките на Кривичниот суд, а на барање на обвинителството одат во поинаква насока односно бараат наше затворање“,
пишуваше во соопштението од „Жан Митрев“.
Обвинителката од ОЈО Скопје, Искра Хаџивасилева, која го застапува обвинението, пак, во изјава за медиумите по реакцијата на Митрев, рече дека обвинителството нема намера да го блокира работењето на болницата, но оти мора да води грижа и за побарувањата на оштетените пациенти и семејства. Жан Митрев, порача таа, може да понуди и гаранција наместо да му се блокираат сметките.
„Ова е нешто што трае подолго време. Обвинителството повтори дека не е негова претензија да се блокира работата на болницата, напротив, се водевме од начелата на пропорционалност. Сега имате од страна интерес на оштетени и нивното право на побарување кое е пријавено, јас чувствувам обврска да го заштитам, но повторено е многупати како и денес дека одбраната може и апсолутно е прифатливо да понуди износ како гаранција за таквото побарување. Тоа е нешто што Обвинителството и тоа како ќе го цени, дури и го охрабрува“,
изјави обвинителката на 28 февруари.
