Од кратката анализа и статистика во врска со дојавите за бомби, која ја сподели Спасовски, се забележува дека во првите два месеца од оваа години бројот на ваквите закани бил значително поголем отколку во последните три месеци од минатата година. Имено, во октомври, ноември и декември минатата година имало вкупно 380 дојави за бомби, додека од јануари, заклучно со 2 март 2023 година, МВР регистрирало вкупно 584 дојави. Повеќе од 720 објекти, според министерот, биле цел на лажните дојави, кои биле испратени од повеќе од 60 различни електронски адреси
Прашан во врска со најавите од пред извесно време за група која праќала закани преку ИП-адреси од Иран и Русија, Спасовски рече дека е лоцирана една група и дека во тек се вештачењата на материјалите и обезбедување на доказите
Од септември минатата до почетокот на март оваа година Министерството за внатрешни работи (МВР) регистрирало речиси 1 000 или конкретно 964 лажни дојави за бомби од кои најголем дел во основни и средни училишта во земјава.
Оваа статистика денеска ја соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање на Единаесеттата сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност на тема „Зајакнување на отпорноста и подобрување на капацитетите за одговор на хибридните закани“ во организација на Европското движење, а чиј домаќин беше Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија.

Дојавите за поставени експлозивни направи, кои со месеци ги вознемируваа граѓаните и беа секојдневна содржина во медиумите, како што рече Спасовски, се дел од хибридните закани со кои се соочува земјава и безбедносните служби.
Од кратката анализа и статистика во врска со дојавите за бомби, која ја сподели Спасовски, се забележува дека во првите два месеца од оваа години бројот на ваквите закани бил значително поголем отколку во последните три месеци од минатата година.
„Од средината на септември 2022 година како држава бевме изложени на хибридни закани кои се однесуваа на лажни дојави за поставени бомби претежно во основни и средни училишта. Во периодот од три месеци – октомври, ноември, декември 2022 година евидентирани се вкупно 380 пријави за поставени експлозивни средства – бомби во основни и средни училишта како и во други институции, но од извршените проверки е констатирано дека станува збор за лажни дојави. Во текот на 2023 година од јануари заклучно 2.3.2023 година евидентирани се вкупно 584 пријави за поставени експлозивни направи – бомби во основни и средни училишта како и во други институции. Од извршени проверки исто така се констатира дека станува збор за лажни дојави“,
рече Спасовски во своето обраќање на настанот.
Повеќе од 720 објекти, рече министерот, биле цел на ваквите лажни дојави, а кои, според податоците на МВР биле испратени од повеќе од 60 различни електронски адреси.
Министерството за внатрешни работи, како што кажа, Спасовски со полн капацитет активно работело и работи на идентификацијата и пронаоѓањето на можните сторители чија цел „беше ширење на паника и несигурност меѓу граѓаните“.

„Направен е посебен оперативен тим кој работеше во рамките на Владата во кој се вклучени сите институции – Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, сите релевантни структури со свои експерти со кои практично ги разменивме сите податоци и информации, баравме соодветни решенија, со цел да имаме комплексен пристап во однос на дојавите за бомби кои пристигнуваа во тој момент по електронски пат. Исто така, интензивно работиме на откривањето на сторителите“,
рече Спасовски.
Истрагите, рече министерот, резултирале со откривање на неколку сторители, а во тек се вештачења и прибирање на конкретни докази против други осомничени кои стојат зад дојавите за лажни бомби. Инаку, во случаите за кои МВР досега поднесе кривични пријави без исклучок стануваше збор за малолетници.
Лоцирана е група, се собираат и се вештачат докази
Тој посочи дека самите истраги се исклучително комплексни, поради што во целиот процес е активирана и меѓународната размена на информации и барање на меѓународна правна помош. Главната главоболка што притоа им ја создаваат испраќачите на ваквите дојави на истражните тимови е тоа што дојавите главно се испраќаат од електронски адреси кои најчесто користат ВПН-провајдери, прокси-системи и тоа што адресите се креирани во други држави.
Прашан во врска со најавите од пред извесно време за група која праќала закани преку ИП-адреси од Иран и Русија, Спасовски рече дека е лоцирана една група и дека во тек се вештачењата на материјалите и обезбедување на доказите.
„Да, имаме лоцирано една група. Знаете дека неколку кривични пријави во овој дел на сајбер-безбедноста се поднесени и за тоа впрочем разговараме на денешната конференција. Во моментов се работи на вештачењето на материјалите и обезбедување на доказите за да може да бидат понесени кривичните пријави. На тој начин еден дел од тие криминални активности во делот на дојавите со бомби ќе биде целосно расчистен и затворен“,
изјави Спасовски одговарајќи на новинарски прашања по настанот.
Тој не сакаше да открие на кој начин е откриена групата, и само одговори дека таа е лоцирана врз основа на преземените криминалистички активности на секторите на МВР и на соработката со меѓународните фактори. Целосни детали министерот за внатрешни работи најави по завршувањето на истрагата, односно комплетирањето на доказите и поднесувањето на кривичните пријави.
Кога може тоа да се очекува, Спасовски исто така не сакаше да калкулира со временски одредници бидејќи, како што рече, ниту една истрага не може да биде детерминирана од временска рамка.
„Тоа зависи од завршувањето на вештачењата. Ниту едно откривање на кривично дело не може да биде детерминирано со временска рамка, ниту во минути, ниту во денови, ниту во недели. Тогаш кога ќе заврши вештачењето, кога ќе се обезбедат доказите ќе бидат поднесени кривичните пријави. Многу е важно да имате квалитетно завршена работа поддржана со докази“,
рече Спасовски.
Прашан дали дојави за бомби сè уште пристигаат на електронските адреси на училиштата во државата, Спасовски со краток и дециден одговор: Не!
Инаку, откако земјава ги промени протоколите за постапување во вакви случаи, на почетокот на март, досега во јавноста нема информации за нови дојави за бомби.
Во своето обраќање на конференцијата, интензивирањето на хибридните закани го поврза со почетокот на Руската агресија врз Украина, што освен во другите сектори отвори голем број предизвици и во областа на сајбер-безбедноста.
„Неспорно е дека агресијата од страна на Руската Федерација врз Украина изврши влијание и врз политичките и безбедносните процеси и во регионот на Западен Балкан. Како и во другите држави така и во Северна Македонија се чувствуваат последиците – од економскиот и енергетскиот сектор, особено на пазарот со електрична енергија, нафтените деривати, природниот гас како и на пазарот со храна. Присутни се хибридни закани, активности и напади преку социјални мрежи, преку ширење лажни вести, невистинити информации, дезинформации, говор на омраза… Одбранбениот и безбедносниот сектор се повеќе се зависни од функционалноста на ИКТ-системите. Хакериските напади врз клучните компјутерски системи реално можат да нанесат штета поголема дури и од класичните воени напади“,
рече Спасовски.