Папата Франциск повика на дијалог поради „тешката“ ситуација во Судан, каде што повеќе од една недела траат судирите меѓу армијата и паравоените сили. Во рамките на традиционалната неделна молитва во Рим тој повика да не се заборават и Украинците погодени од војната.
„За жал, ситуацијата во Судан останува сериозна, поради што повторно повикувам насилството таму што побрзо да прекине и да се продолжи по патот на дијалогот. Ги повикувам сите да се молат за нашите судански браќа и сестри“,
рече папата во рамките на традиционалната неделна молитва на плоштадот Свети Петар во Рим.
По еднонеделната борба за превласт меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), вчера некои странски државјани почнаа да се евакуираат од оваа земја, а суданската војска соопшти дека се согласила да помогне во евакуацијата на луѓе, меѓу кои и дипломати на САД, Велика Британија, Франција и Кина.
Саудиска Арабија вчера соопшти дека евакуирала 157 Саудијци и луѓе од други националности, а Кувајт рече дека некои нејзини граѓани пристигнале во Џеда. Јордан соопшти дека започнал со евакуација на 300 граѓани.
Аеродромот во Картум и натаму е затворен, а илјадници странски државјани се попречени да заминат од земјата.
Во борбите помеѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), кои влегуваат во својата втора недела, според Светската здравствена организација (СЗО), загинале 413 лица, а 3 551 се ранети, но се верува дека реалниот број е поголем.