Авиолинијата Скопје – Франкфурт се реализира со субвенции на Владата, а освен на „Луфтханза“, субвенции ќе ѝ бидат доделени и на унгарската „Визер“ која од ноември годинава треба да воведе четири нови авиолинии. „Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт десет пати неделно почнувајќи од денеска, а „Визер“ за новите четири дестинации ќе лета три пати неделно од 1 ноември
На Меѓународниот аеродром Скопје попладнево слета првиот авион на „Луфтханза“ од Франкфурт, со што се означи стартот на новата авиолинија и влезот на германската авиокомпанија на македонскиот пазар.
Авиолинијата Скопје – Франкфурт се реализира со субвенции на Владата, а освен на „Луфтханза“, субвенции ќе ѝ бидат доделени и на унгарската „Визер“ која од ноември годинава треба да воведе четири нови авиолинии – од Скопје до Луксембург, Штутгарт, Салцбург и до Љубљана.

По повод отворањето на авиолинијата Скопје – Франкфурт, ТАВ Македонија на скопскиот аеродром денеска организира настан со кој се означи влезот на авиокомпанијата „Луфтханза“ на македонскиот пазар.
Првиот авион од Франкфурт го пречекаа и министерот за транспорт и врски Благој Боварски, германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер, генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак, и регионалниот директор на групацијата „Луфтханза“, Петер Пулем.

Согласно договорот, „Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт десет пати неделно почнувајќи од денеска, а компанијата „Визер“, пак, за новите четири дестинации ќе лета три пати неделно од 1 ноември годинава.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на прес-конференција претходно месецов изјави дека финансиската помош за овие компании ќе биде исплаќана во текот на оваа и наредните две години, односно до 2025 година. По завршувањето на субвенциите, овие авиопревозници ќе имаат обврска да оперираат на истите дестинации за периодот за кој ја добивале финансиската помош, односно за уште три години.
Во спротивно, како што додаде министерот, компаниите ќе бидат должни да го вратат целиот износ што го добиле како финансиска поддршка од Владата.