Министерството за образование и спорт на Албанија оваа година ја одобри програмата „Албански јазик и книжевност и јазикот и културата на малцинствата“ со што и припадниците на македонската заедница во Албанија ќе имаат можност покрај албанскиот јазик и книжевност да го изучуваат и македонскиот јазик и култура, како втор предмет и се здобиваат со диплома, вели Јонела Спахо, деканка на Педагошкиот факултет во Корча

Од идната 2023/2024 академска година на Универзитетот „Фан С. Ноли“ во албанскиот град Корча, на катедрата за албански јазик ќе може, како подпредмет, по избор, да се изучува македонскиот јазик и култура.
Најавата доаѓа од Јонела Спахо, деканка на Педагошкиот факултет во Корча при посетата на Пустец, претставувајќи ја новата програма „Албански јазик и книжевност и јазикот и култура на малцинствата“.
„Чест ми е што сум денеска со вас и што тука гледам и мои поранешни студенти кои имаат дипломирано на Универзитетот ‘Фан С. Ноли’ и сега работат како наставници во Преспа. Студентите од македонската заедница отсекогаш биле меѓу најдобри студенти на нашиот Универзитет. Министерството за образование и спорт на Албанија оваа година ја одобри програмата ‘Албански јазик и книжевност и јазикот и културата на малцинствата’ со што и припадниците на македонската заедница во Албанија ќе имаат можност покрај албанскиот јазик и книжевност да го изучуваат и македонскиот јазик и култура, како втор предмет и се здобиваат со диплома“,
рече деканката, пренесува МИА.
Иницијатори за отворање на оваа програма и изучување на македонскиот јазик и култура при Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча, како што посочи таа, се македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски и професорот Васил Стерјовски кои во последните две години упорно ја туркаа ова иницијатива.
За Стерјовски отворањето на оваа прогама е од големо значање за припадниците на македонската заедница во Албанија и посебно за македонската заедница во округот Корча, на која сега и се дава можност македонскиот јазик и култура да го изучуваат при Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча.
„До пред неколку година при Универзитетот во Тирана функционираше лекторат на македонски јазик и се прават напори и таму повторно да профункционира лекторатот, но ова е првпат да имаме посебна програма каде може да се изучува македонскиот јазик и култура на високообразовна институција во Албанија. Студентите кои ќе се запишат и дипломираат на оваа програма ќе бидат поконкурентни на пазарот за вработување не само во образовниот процес, но и во други области“,
рече Стерјовски.
Тој посочува дека Универзитетот во Корча располага со најдобрите современи услови за студирање.
„Ве поканувам да го посетите Универзитетот ‘Фан С. Ноли’ и самите да се уверите за условите за студирање. Ги повикувам матурантите во што поголем број да се запишат и од новата академска учебна година да почне со имплементација оваа програма“,
порача Стерјовски.
Според него, професорскиот кадар ќе биде обезбеден во соработка со Педагошкиот факултет од Битола.
Почетокот со реализација на програмата го поздрави и градоначалникот на Пустец, Пали Колефски велејќи дека ова ќе им помогне на сите ученици од македонската заедница кои ќе се запишат на оваа програма.
Тој, исто така, вети дека ќе организира посета на учениците од средното училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиовски” од Пустец на Универзитетот во Корча.
На презентацијата на програмата присуствуваа и ученици и професори од гимназијата во Пустец.