Премиерот Димитар Ковачевски во вторникот најави дека Владата ќе му го достави договорот со „Бехтел и Енка“ на обвинителството за, како што рече, да се испитаат сите наводи што биле изнесени од политички партии, медиуми и поединци. Снежана Камиловска-Трповска од МЦМС во дебата во емисијата „360 степени“ прашува каква постапка води во моментов обвинителството за Владата да му го достави договорот
Потребно е Јавното обвинителство да има отворено предистражна постапка за Владата да достави какви било документи до него и тоа на негово барање, а не обратно. Ова е ставот на Снежана Камиловска-Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) откако премиерот Димитар Ковачевски најави дека договорот со „Бехтел и Енка“ за автопатите ќе го достави до обвинителството.
Во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, Камиловска-Трповска рече дека по таа изјава на премиерот се поставува прашањето – што е почнато како постапка во обвинителството.

„Од тоа што ние го знаеме во јавноста и од тоа што беше соопштено е дека Јавното обвинителство покрена предистражна постапка по допрен глас во однос на договорот за надзор над работата на ‘Бехтел и Енка’, но дали таа процедура ја опфаќа и оваа, што по редот на нештата не би требало да е така, бидејќи станува збор за засебен договор и засебна документација. Така што, претпоставката е дека до овој момент во Јавното обвинителство нема започнато предистражна постапка за договорот со ‘Бехтел и Енка’“
рече Камиловска-Трповска.
Таа додава и дека на оваа тема во јавноста се лиферувани различни информации – од тоа дека договорот е веќе доставен до обвинителството, до тоа дека допрва ќе се достави, како што вели премиерот.
За неа најголем проблем е класифицираноста на договорот, ако навистина Владата го направила тоа, и која е основата за тоа. Смета дека треба да се има предвид дека се работи за договор кој ќе има големи реперкусии врз државниот буџет и затоа треба да ѝ биде достапен за јавноста.

„Реториката дека имало деловни тајни на ‘Бехтел и Енка’ сметам дека не е соодветна и дека не треба да биде користена зашто ова е договор за кој и самата Влада вели дека е за јавното добро – тој е голема инфраструктурна и капитална инвестиција. Оттука се поставува прашањето зошто имало потреба Владата да класифицира договор што е за јавното добро, за доброто на граѓаните“,
вели таа.
За Камиловска-Трповска не е важно за која компанија се работи, туку важен е процесот, транспарентноста и отвореноста на постапката. Затоа повикува договорот да биде објавен за, како што вели, да бидеме на чисто што потпишала државата.
Инаку, премиерот Ковачевски во вторникот изјави дека Владата донела одлука да го прати договорот со „Бехтел и Енка“ во Јавното обвинителство.
„Можам да Ве информирам дека Владата веќе донесе одлука согласно со степенот на доверливост на договорот со која е овластено Јавното претпријатие за државни патишта да го достави до Јавното обвинителство договорот, со оглед на тоа дека имаше многу прашања кои се однесуваа на тоа дали постоела можност за некакви влијанија итн., а кои беа демантирани од Владата и сите претставници бидејќи станува збор за една од најреномираните американски компании кои работат на вакви големи проекти. Тој договор ќе биде доставен до Јавното обвинителство, па на нивно постапување понатаму да ги испитаат сите наводи кои беа кажани од страна на политички партии, од страна на медиуми, од страна на поединци итн.“,
рече Ковачевски.